Дождот доаѓа побрзо од помошта за поплавените
“Секоја капка дожд е страв и трепет за нас, особено по поплавите кои ги доживеавме во август” –вели за Фактор, Абдурахман Вејсели, жител на скопско Сингелиќ. И по три месеци од страотната поплава сеуште меѓу мештаните владее страв да не се повтори невремето кое им ги уништи куќите и дворовите, но и земјоделските површини. Абдурахман, кој меѓу соседите е познат по прекарот Беким не го крие незадоволството и гневот кон надлежните кои вели не превзеле доволно за да ги обесштетат погодените семејства. Обвинува дека помош и пари зеле лица кои не биле или пак биле минимално зафатени од поплавите, а сепак на нивните сметки завршиле илјадници евра добиени по партиска и пријателска врска.
“Јас лично знам луѓе кои земаа по пет до шест илјади евра, а штетите им беа минимални. Постои големо незадоволство помеѓу жителите на Сингелиќ и Стајковци. Имаше неколку пати договор да протестираме пред влада или пред министерството за финансии, се организиравме и кога требаше да се излезе на улица, неколкумина се повлекоа. Мене според проценките ми дадоа 150 000 денари, а штетата која ја проценуваа пишуваше дека е максимална. Дворот, првиот кат од куќата,покуќнината, помалата куќа со летна кујна и просторот каде го складирам млекото беше целосно поплавено, во кал. Башка две коли ми беа зафатени и целосно се уништени, тешко и дека ќе проработат. Се е практично уништено ”-раскажува Беким.
Тој досега неколкупати се обратил до надлежните институции и општината но освен кренати раменици и префрлање на одговорноста не добил дополнителна информација за начинот и критериумот на распределба на помошта. Парите кои им ги дала државата вели ниту оддалеку не може да ја надомести штетата која ја претрпеле.
“Бев во општина да прашам зошто толкава е отштетата кога комисијата запиша се што е уништено. Ме препратија во Министерство за финансии, тие ми рекоа такви информации добиле од Владата.Од таму пак ме препратија до општина, тие биле надлежни за комисијата. Ме врткаа со денови. Едноставно нема правда, што да речам. Штетата е огромна, според некои мои проценки колку имам досега дадено сигурно надминува десет илјади евра. Не барам толку, ама барем малку да имаат осет. И самите видоа во каква состојба се наоѓавме”- додава Беким.
Текстот на Фактор во целост прочитај го ТУКА.