Дескоска најави реформи з создавање модуларен систем на образование
Предизвиците со брзиот развој на новите технологии и знаења, глобализацијата и промените на пазарот на трудот, наметнуваат потреба од доживотно учење и од воспоставување на еден флексибилен и отворен систем на образование што ќе нуди можности секој поединец постојано да го збогатува сопственото знаење, изјави министерката за образование и наука Рената Дескоска.
Дескоска, која учествуваше на завршниот настан на проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системот за стручно образование и обука и образованието на возрасни”, финансиран од Европската унија, посочи дека во рамки на проектот се обучени повеќе од 800 лица од образовниот сектор и направени се првите чекори во насока на создавање на модуларен систем на образование.
– Во поглед на образованието за возрасни во рамки на проектот е подготвена Стратегијата за образование на возрасни 2018 – 2022, ревидирани се 15 програми за образование на возрасни, а сертифицирани се и 48 обучувачи на возрасни. Подготвена и првата Националната стратегија за доживотно учење 2018-2022 во Македонија – изјави Дескоска.
Посочи дека со претставници на работодавачите и стопанските комори разговараат за модернизација на средното стручно образование и воведување на дуално образование од типот на германските искуства.
– Планираме реформи што ќе значат озовможување учење, но исто така и овозможување практична настава на учениците од средно стручно образование. Мора да обезбедиме настава што ќе дава практични вештини со цел учениците со средно стручно образование да можат да се вклопат во пазарот на труд веднаш по завршување – изјави Дескоска.
Загрижува, рече Дескоска, тоа што минатогодишниот конкурс за подготовка на учебници за средно стручно образование за жал завршил неуспешно и ниту еден од тие учебници кои што биле побарани не е реализиран.
– Треба да размислуваме заедно со Центарот за средно стручно образование и Бирото за развој на образованието што е можно побргу да се обезбедат наставни помагала за учениците од средно стручно образование – изјави Дескоска.