Епидемија од возачи без дозвола коси по патиштата
Гостиварецот Јетмир К. има 37 години, нема „в“ од возачка дозвола, ама тоа досега не го спречувало да седне зад воланот на своето „ауди 4“. Нема положено возачкиот испит и нема дозвола за „Б“ категорија, што треба да ја поседува за да управува автомобил.
Тој не е единствената „темпирана бомба“ по патиштата во полошкиот регион, во последните две години за што добивме податоци, 2016 и 2017, низ овој дел од земјава годишно биле регистрирани во просек по 2.600 шофери без возачка дозвола, што претставува најмногу во државава.
Многу близу е штипскиот регион, а најмалку фатени возачи без дозвола има во скопскиот.
Низ цела Македонија во „мрежата“ на сообраќајците годишно паѓаат петоциферна бројка на шофери без возачка дозвола. Минатата, 2017 година откриени се околу 13.700, а претходната имало 15.500.
СВР Тетово последниве месеци ги засили контролите и санкционирање на овие прекршоци и веќе можат да се почувствуваат видливи позитивни ефекти. Во првите три месеци од годинава, по полошките сообраќајници откриени се вкупно 223 лица без возачки дозволи, а лани во истиот период имало 395.
Извор: МИА