Уште два дена да проверите дали Ве има во Избирачкиот список!
Паралелно со промоцијата на претседателските кандидати за претстојните претседателски избори тече јавниот увид во Избирачкиот список и дека истиот е отворен за увид до 14 март до 24 часот.
Според ДИК вчера вкупно 50.572 граѓани извршиле увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија и канцеларии се донесени 119 решенија за запишување во Избирачкиот список, 107 решенија за бришење од Избирачкиот список, како и 29 решенија за промена на податоци во Избирачкиот список.
– Апелираме до граѓаните најдоцна на 14 март да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список, и доколку имаат потреба, да поднесат барање за запишување, бришење или промена на податоци во нашите подрачни одделенија или канцеларии, порачуваат од ДИК.
Во тек е и пријавувањето за гласање во странство, а до завчера биле поднесени само 920 пријави, од кои пет се одбиени.
Избирачкиот список се става на јавен увид со состојба на податоци на граѓани со наполнети 18 години живот со важечка лична карта или пасош на денот на изборите (21 април 2019 година), умрени лица 30 дена пред денот на распишувањето на изборите (8 јануари 2019 година) и други податоци од Избирачкиот список на денот на распишувањето на изборите (21 април 2019 година).
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.
Само тројца од девет кандидати ќе влезат во трката за претседател на државата. Државната изборна комисија потврди дека Гордана Силјановска Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река во предвидениот законски рок ги собрале потребните потписи.
Силјановска-Давкова, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ собрала 15.926 потписи, а Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ, собрал 31.729 потписи. Блерим Река, поддржан од Алијанса на Албанците и движењето Беса, собрал 11.128 граѓански потписи. Пендаровски и Силјановска-Давкова имаат поддршка и од најмалку 30 пратеници.
Пендаровски, Силјановска Давкова и Река треба да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија најдоцна до 21 март, кога и официјално ќе станат кандидати за претседател на државата.