Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

licasopoprecenosti fin

3.12.2020

Фокусот на годинешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост – 3 декември, ќе биде ставен на градење подобар свет за лицата со попреченост, свет кој ќе биде инклузивен, пристапен и одржлив за време и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот.

Како што соопштија денеска од Хелсиншкиот комитет, лицата со попреченост во целиот свет, но и во нашата земја, сè уште претставуваат една од најмаргинализираните групи во општеството, кои се диспропорционално засегнати од ефектите на пандемијата.

-Почнувајќи од 1992 година, на 3 декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Според претпоставките на Светската здравствена организација, околу 15 отсто од светската популација се соочува со некаков вид на попреченост. Попреченоста е дел од секојдневието, имајќи предвид дека секој човек, во некој период од својот живот, ќе се најде во ситуација на времена или трајна состојба на попреченост,сопштија од Хелсиншки комитет.

Како што посочуваат, пандемијата на Ковид-19 наметна сериозна закана по здравјето и животот на луѓето во целиот свет, а лицата со попреченост генерално се наоѓаат во поголем ризик од здравствени проблеми од останатата популација и додека попреченоста сама по себе не предизвикува поголем ризик од вирусот, многу лица со попреченост имаат специфична здравствена состојба, која ја прави болеста многу поопасна за нив.

Според Хелснишки, непристапноста на информациите поврзани со вирусот, затворање на дневните центри за поддршка, неприлагодено учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од проблемите кои го зголемија предизвикот на секојдневниот живот на лицата со попреченост насекаде во светот.

-И ден денес ние се уште сведочиме на дискриминација на лицата со попреченост во сите сфери на секојдневниот живот. И покрај донесените закони, и покрај заложбите за креирање на инклузивно општество за сите, сè уште значителен дел од лицата со попреченост, но и нивните родители и други лица кои се грижат за нив, се соочуваат со неразбирање од страна на своите соседи, непристапна инфраструктура, дискриминација во образовниот систем и на пазарот на труд и многу затворени врати на институциите, посочуваат во соопштение.

Имајќи предвид дека пандемијата е сè уште присутна и ефектите од нејзиното влијание ќе ги чувствуваме уште многу долго, од Хелсиншки потенцираат дека е потребно да се донесат мерки кои ќе бидат креирани во согласност со потребите на лицата попреченост, со цел да ги намалат негативните ефекти од пандемијата, но и да овозможат понатамошно одржливо функционирање.

-Потребно е лицата со попреченост да бидат вклучени во сите процеси на креирање на политики, мерки и закони, кои го засегаат нивниот секојдневен живот. Потребно е да продолжат заложбите за спроведување на процесот на деинституционализација, чија имплементација забави како резултат на пандемијата и да се продолжи со постепеното напуштање на институционалното живеење, но и зајакнување на алтернативните форми на згрижување и развивање на локални сервиси за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства, се наведува во соопштението на Хелсиншки комитет.

 

 

SEMM baner MK

Поврзани вести

NOVOGODISENBANERSINALCO

 
   
   
   
   

Најново