Бразил со влада на национален спас
Протести во Бразил откако Сенатот гласаше за суспендирање и за изведување пред суд на бразилската претседателка Дилма Русеф поради обвинувањата дека го лажирала државниот буџет за да биде реизбрана. Во меѓувреме привремениот претседател Мишел Темер побара поддршка за неговата „влада на национален спас“, пишува Радио Слободна Европа.
Седумдесет и пет годишниот Темер сега се очекува да ја води најголемата економска сила во Латинска Америка кон попазарно ориентирана политика.
Тој им порача на бразилците да имаат доверба дека ќе излезат од сегашната криза предизвикана од длабоката економска рецесија, политичката нестабилност и корупциските скандали. Но, протестантите во Сао Паоло не му веруваат на Темер.
„Државен удар. Денес на капитализмот не му треба оружје, ниту пак треба да имате доволно војска. Се што треба е антидемократско судството. Затоа и се случува ова“, вели Витор Реис. Други демонстранти држат огромен транспарент на кој пишува: „Tемер никогаш“.
“Луѓето кои се на улица покажуваат кој командува. Луѓето командуваат и покажуваат дека не сите се согласуваат со привремената владата. Таа влада не е избрана“, вели Летиција Виола.
Кризата во Бразил донесе драматичен крај на 13 годишното владеење на Работничката партија, која го искористи бранот на популистичките чувства што ја зафати Јужна Америка, почнувајќи во 2000 година.
Тоа и овозможи на генерација левичарски лидери да го искористат извозниот бум во регионот за да ги спроведат својите амбициозни социјални политики.
Но, како и другите левичарски лидери во регионот, и Русеф откри дека нејзината партија, по четири последователни мандати, веќе ја нема довербата особено поради тоа што цените на основните артикли паднаа, а нејзината влада не успеа да го одржи економскиот раст.
Згора на тоа Русеф, која на функцијата дојде во 2011 година, се соочи со корупциски скандал по што политичката опозиција реши да ја собори.
По нејзиното суспендирање, Темер веднаш наименува нови министри најавувајќи дека сепак ќе ги задржи популарните социјални програми, кои се белег на Работничката партија на Русеф.
Неговиот кабинет има 23 министри, односно една третина помалку од кабинетот на Русеф.
Темер кој е професор по уставно право и кој со децении е во бразилскиот Конгрес се соочува со значајни предизвици за да ја извлече деветата најголема економија во светот од најлошата рецесија од Големата депресија и да ја намали огромната јавна потрошувачка.
Тој како министер за финансии го назначи поранешниот гувернер на Централната банка Енрике Меирелес кој како прва задача ќе има да го ремонтира скапиот пензиски систем во Бразил.
Првата жена претседател на Бразил шеесет и осум годишната Русеф која за време на воената диктатура од 1964 до 1985 година беше мачена, е обвинета за свесно местење на буџетот за да го прикрие големиот дефицит.
Таа се брани дека тоа го правиле и нејзините претходници и оти за тоа никој не одговорал. Русеф повтори дека е жртва на државен удар организиран од Мишел Темер.
Извор: Радио Слободна Европа