ЕУ со предлог од 1 јули да се отворат надворешните граници за Западен Балкан
11.06.2020
Европската комисија предложи земјите од Западен Балкан да бидат први на списокот на земји на кои ќе им биде дозволено да влезат во Шенген зоната од 1 јули.
Комесарот за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, рече дека ЕУ е во позиција постепено да ги укинува ограничувањата на надворешните граници на ЕУ со трети земји кои се во слична или подобра епидемиолошка ситуација од 1 јули.
– Денес започнуваме со консултации за составување список на земји на кои ќе им се дозволи влез во ЕУ. Европската комисија предлага Западен Балкан да биде на списокот од 1 јули – вели Јохансон.
Европската комисија ги повика земјите-членки на ЕУ и членовите на Шенген-зоната да ги укинат контролите на внатрешните шенген-граници во понеделник, 15 јуни, воведени со цел да се сузбие ширењето на пандемијата КОВИД-19.
– Епидемиолошката состојба низ ЕУ брзо се подобрува. Европскиот центар за контрола и превенција на инфекции оцени дека контролите на внатрешните граници меѓу членките на ЕУ не се ефикасен начин за борба против КОВИД-19 – наведува Јохансон.
Таа додава дека препораките на Европската комисија за ограничувања на надворешните граници на ЕУ за сите несуштински патувања завршуваат на 15 јуни, но дека земјите-членки побарале кратко продолжување на тие ограничувања.
– Сега наша препорака е да ги прошириме привремените ограничувања за патувањето во ЕУ, кои не се од суштинско значење до 30 јуни.
„Сè уште не сме во состојба целосно да ги укинеме сите патни ограничувања на сите надворешни граници на ЕУ, но ќе започнеме постепено од 1 јули“, потенцира Јохансон.
Таа додава дека целиот процес мора да биде координиран и дека најважната цел е заштита на јавното здравство.
Критериуми што треба да се земат предвид при постепено отворање на надворешните граници на ЕУ кон трети земји се епидемиолошката состојба, мерките за заштита при патувањето и принципот на реципроцитет, т.е. доколку ЕУ ги отвори шенген-границите кон трета земја, треба да ги отвори и своите граници за сите членки на ЕУ.