Светот e соочен со нова „инфодемија“: пандемија на ширење лажни вести за вакцината против Ковид – 19
01.12.2020
Светот се соочува со високо ниво на недоверба кај граѓаните во медицинските власти, овој пат за вакцината против Ковид – 19, покажуваат податоците од направени повеќе истражувања и анализи.
Во Африка општо не ги сакаат вакцините, зашто мислат дека странците ги користат за медицински експерименти, вели првиот човек на Црвениот крст.
Претседателот на најголемата хуманитарна организација во светот, Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина, ги повика владите и институциите да се борат против „лажните вести“ за вакцините против Ковид-19, кои прераснале во „втора пандемија“, објавија светските агенции.
Франческо Рока, на виртуелен брифинг со Асоцијацијата на дописници на ООН, рече дека „за борба против пандемијата, мора да се победи и паралелната пандемија на недоверба“, објави АП. Тој ги повика владите и институциите да започнат да градат доверба во јавноста за важноста на вакцинацијата. Според Франческо Рока, во целиот свет постои „растечка недоверба за вакцините, а особено за вакцините за Ковид-19“.
Рока потсети на студијата на Универзитетот Џон Хопкинс спроведена во 67 земји, според која одобрувањето за вакцината значително се намалило од јули до октомври. Кај четвртина од земјите, истражувањето покажало ниво на одобрување на вакцините за Ковид-19 од околу 50 проценти. Во Јапонија, одобрувањето паднало од 70 на 50 проценти, а во Франција – од 51 на 38%.
Франческо Рока истакна дека недовербата не е само „западен феномен“. Според него, студија на Црвениот крст и Црвената полумесечина во осум африкански земји покажала постојан пад на перцепцијата за ризикот од заразување со КОВИД-19. Во Конго, Камерун, Габон, Зимбабве, Сиера Леоне, Руанда, Лесото и Кенија, се повеќе луѓе веруваат дека вирусот не ги погодува младите во Африка, дека болеста ја нема и пандемијата е завршена.
„Во неколку африкански земји, имаме генерален скептицизам во врска со вакцините воопшто, каде се верува дека странците ја користат Африка за медицински експерименти“, додаде Франческо Рока. Тој истакна дека на негово изненадување, некои особено ранливи и маргинализирани групи воопшто не знаеле за пандемијата, наведувајќи го примерот на Пакистан, каде 10 проценти од учесниците во студијата не биле информирани за КОВИД-19.
Мите Јаначков