(ФОТО) Хирурзи во Индија успешно раздвоија близнаци родени со споени глави
Хирурзите во главниот град на Индија, Делхи, успешно раздвоија близнаци кои беа родени со споени глави.
Операцијата на двегодишните Јага и Калиа траела 16 часа, а момчињата сега се на интензивна нега, велат лекарите.
Операцијата е направена од тим од дури 30 лекари на индискиот институт за медицински науки.
Момчињата се родени со споени крвни садови и мозочно ткиво, што е многу редок случај што се појавува кај еден од три милиони случаи новородени двојки, а 50 отсто умираат во првите 24 часа. Ваква состојба на споени глави се вика краниопагус. Директорот на болницата Рандип Гулерија вели дека треба да поминат 18 дена за да се процени успешноста на операцијата.
„Двете момчиња имаат и други здравствени проблеми. Јага има проблеми со срцето, а Калиа со бубрезите“, вели неврохирургот А.К. Махапатра.
Лекарите велат дека најголем предизвик по операцијата било да се обезбеди кожа на двете страни од главите на децата каде останале големи дупки. Ако Јага и Калиа преживеат, следната операција е за реконструкција на черепот.