Луксузниот саудиски хотел – затвор повторно се отвора
Луксузниот хотел во Ријад, кој служеше како затвор во владината антикорупциска кампања, повторно ќе биде отворен следниот месец, објавено е на интернет страницата на хотелот.
Десетици принцови, високи функционери и водечки деловни луѓе беа притворени во раскошниот хотел „Риц-Карлтон“ кога Владата на почетокот на ноември минатата година почна отворена пресметка против корупцијата во највисоките општествени слоеви.
Вработен во хотелот потврди дека резервации за граѓани ќе се примаат повторно од 14 февруари.
На хотелската веб страница пишува дека едно ноќевање во најевтината соба чини 650 долари. Хотелот има 492 соби и апартмани и градина од 21 хектар.
Саудиската Влада очекува дека повеќето обвинети ќе прифатат финансиска спогодба во замена за отфрлање на обвинението. На тој начин официјален Ријад ќе собере 100 милијарди долари.