Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

delo fin

Ова е последната станица на една необична турнеја, на слика која некое време престојуваше во училиште, во библиотека и во докторска ординација.

Минатата година, „Портретот на св. Катерина од Александрија“, од италијанската барокна сликарка Артемизија Џентилески, стана првото дело од жена-уметник купено од страна на Националната галерија од Лондон во последниве 30 години. Институцијата плати околу 4.5 милиони долари за сликата но потоа не ја заклучи во некакво депо, туку ја испрати на неконвенционално патување низ Британија. Последната станица беше HMP Send, женски затвор во Англија.

Портретот, на кој Џентилески се прикажува себеси како измачената св. Катерина, беше изложен во затворот помеѓу 20-22 мај. Во текот на престојот едукатор од галеријата организирал три работилници за 30 затворенички, кои вклучувале дискусии за сликата и за авторката, како и креативни вежби инспирирани од делото.

Претходно сликата ја посетила женската библиотека во Глазгов, докторска ординација во Јоркшир, како и женско училиште во Њукасл. Директорот на галеријата, Габриеле Финалди, изјавил дека целта на турнејата е да им се приближи сликата на луѓе кои можеби нема да можат да ја посетат во нејзиниот постојан дом, а местата биле одбрани така за приказната на Џентилески да може да се поврзе со нив.

Портретот е слика на жртва на насилство направена од некој кој преживеал насилство. А 72% од жените во затворот доживеале некаква форма на злоупотреба. Џентилески, родена во Рим во 1593, рано покажала уметнички талент и била подучувана од сликарот Агостино Таси. Кога имала 17 години, тој ја силувал, а кога одбил да се ожени со неа, таткото на Џентилески го одвел на суд. Во текот на сослушувањата Џентилески била измачувана за да се потврди веродостојноста на нејзините искази. Таа не потклекнала, и Таси на крај бил прогласен за виновен, иако казната - егзил од Рим, никогаш не била спроведена. Св. Катерина пак била осудена на смрт на тркало на кое биле монтирани остри боцки, кое пукнало веднаш штом таа го допрела. По ова нејзините пагански прогонувачи ѝ ја отсекле главата. Но нејзиниот портрет во интерпретација на Џентилески кажува приказна за отпор: субјектот гледа директно во гледачот, без ронка страв и колебање.

 

Web banner Duma Kozuvcanka Fakti 300x250px 01

Најново