Поради промените на Фејсбук Цукенберг изгуби 3 милијарди долари
Основачот на Фесјбук, Марк Цукерберг, губи 3 милијарди долари поради промените што ги воведува.
Кога во четвртокот беше објавено дека Фејсбук се враќа на старото издание, односно дека на „Њуз фид“ корисниците повторно ќе гледаат повеќе објави на пријатели, а не платени огласи или содржини на компании и медиуми, вредноста на акциите на компанијата Фејсбук, веќе во петокот паднала за речиси 5 отсто.
Од „Форбс“ пресметале дека овој потег ќе го чини Марк Цукерберг точно 3,3 милијарди долари, што е околу 4,4 отсто од неговото вкупно лично богатство.
Светските медиуми коментираат дека Марк Цукерберг очигледно подлегнал на притисоците, бидејќи во 2017 година компанијата добила милиони критики за изгледот на „насловните страници“ на Фејсбук, кои често се пренатрупани со огласи на компании.
– Една од областите на која ќе ги фокусираме активностите во 2018 година ќе биде желбата – времето поминато на Фејсбук, да биде квалитетно потрошено време. Го направивме Фејсбук за да им помогнеме на луѓето да останат поврзани и како би се зближиле со луѓето што ни се важни. Затоа секогаш ги стававме пријателите и семејството во јадрото на тоа искуство. Истражување покажува дека зацврстување на нашите односи придонесува за нашата благосостојба и среќа. Но, во последно време добивме повратни информации од нашата заедница дека јавните содржини, какви што се објавите на компании, брендови и медиуми, ги задушуваат приватните моменти што нас нè водат до заемно поврзување – напиша Цукерберг на Фејсбук.
Од Фејсбук изјавиле дека се уверени дека промените на долг рок се исплатливи и дека им е најважна среќата на корисниците, кои сакаат повеќе објави на пријателите, а помалку лажни вести и платени содржини.
Аналитичари исто така сметаат дека на долг рок потегот на Фејсбук е оправдан.
– Правејќи ги јавните содржини порелевантен, би требало да се големи бројот на корисници и нивните активности со текот на времето. Веруваме дека овие измени ќе бидат од корист за Фејсбук на среден и долг рок – изјавил аналитичарот Марк Махени за „Блумберг“.
И покрај загуба од 3,3 милијарди долари, на Марк Цукерберг ќе му остане богатство од околу 70 милијарди долари.
Во декември 2015 година, Цукерберг и неговата сопруга Присила Чен, откако станаа родители, изјавија дека планираат да донираат 99 отсто од нивните акции во Фејсбук, со цел „светот да стане подобро место за живот на децата“.