Неколку здрави, а едноставни навики, кои може да ви го променат животот
21.01.2021
Само неколку здрави навики може да ви го направат денот поубав, полн со енергија, а животот здрав. Во прилог ви ги презентираме навиките кои треба секојдневно да ги применувате.
Веднаш по будењето напијте се млака вода со цеден лимон.
Хидрирање на телото после 7 или 8 часовна пауза од храна и течности, е најдоброто нешто што можеме да го направиме за себе. Водата со лимон е одлична за хидратација, будење на дигестивниот тракт, алкалзизација на телото и секако подобрување на дигестијата во текот на целиот ден. Прифатете ја оваа навика како задолжителен ритуал и трудете се секој ден да го започнувате со две чаши лимонада. Позитивните ефекти ќе ги видите за кратко време.
Медитирајте.
Утринската медитација го намалува стресот, односно ви дава мотивација и енергија кои ќе ве водат низ целиот ден. Најдете 5 минути после будењето и седнете и посветете си ги на себе си. Постојат различни начини да се медитира, а за среќа на интернет имаме достапно многу информации. Потрошете некое попладне и едуцирајте се како да започнете, за кратко време ќе видите резултати!
Вежбајте кратко. Утринското истегнување е одлично за раздвижување и будење на телото.
Не ви е потребен половина час, најдете само 5 минути и направете кратко, но ефикасно истегнување. Тоа ќе ви помогне да се забрза циркулацијата и многу лесно да ги разбудите сите клетки во телото. Утринското тегнење ќе ви даде мотивација и енергија за да го зграпчите денот. Доколку пак имате време за вежбање целосен тренинг наутро, тоа е најубавото нешто што можете да му го подарите на своето тело и ум.
Запишувајте си ги своите цели и правете си дневен план.
Најдете 5 минути во целиот хаос во кој се подготвувате за работата и направете си дневен план со обврски. Така ќе имате мотивација да завршите се навреме и да бидете поекспедитивни во извршувањето на обврските. Организиран ум, значи и организиран живот, а напишаните мисли и задачи можат навистина многу да ви помогнат во тоа.
Прочитајте нешто инспиративно.
Имајте при рака секогаш некоја мотивациона книга која ќе ви се најде во моментите кога сте без енергија и мотивација. Убаво е да имате дома табла на која ќе можете да си пишувате инспиративни пораки, можете дури и вечерта да си напишете нешто инспиративно кое штом ќе го прочитате наутро ќе ве крене и веднаш ќе ве насочи да размислувате во попозитивен правец.
Направите утринска прошетка доколку времето ви дозволува.
Ако работното место ви е во близина на домот, изберете да пешачите до таму, наместо да одите со кола. Но, ако сте со кола, тогаш паркирајте се малку подалеку за да попешачите.
Доколку успеете да практикувате барем дел од овие утрински навики, ќе забележите дека ќе ви се подобри квалитетот на живот или пак во најмала рака ќе го подобрите субјективното доживување за самите себе и за светот и луѓето околу вас.
Мите Јаначков