Еднодневна екскурзија во отпад „Павор“ за учениците, учесници во проектот „Намалување на Пет, преку собирање и рециклирање“
Во дворот и пред влезот во халата на компанијата „Павор“ стотици тони собрани пластични шишиња, беa спакуванi во повеќе тонски бали кои ги чекаа виљушкарите да ги подигнат и пренесат, внатре,каде машиниги рециклираат се додека не ги доведат во состојба на гранулат. Сликата од другата страна на халата, сосема поинаква. Таму, спакуван во бали, врз гранулат се вовлечени чисти пластични футроли. Така преработениот пластичен отпад чека транспорт и извоз во земји со кој компанијата има потпишано договор за продажба.Тоа го спасува Велес од овој вид отпад на тешко разградливата пластика што во големи количини се фрла, секојдневно, од страна на граѓаните.
И ако, внатре во халата, педесетте ученици од основните училишта кои учествуваа во проектот „ Намалување на Пет, преку собирање и рециклирање“ на ЕД „Вила Зора“ внимателно го следеа објаснувањето на сопственикот на компанијата, Орце Павлов, што се е потребно пластичното шише да се доведе во форма на гранулат, на излезот од неа беа зачудени кога дознаваа како од гранулатот можат да се произведат конци за машини кои плетат блузони, наметки, капи или шалови.
-Се обидов наједноставно да им го објаснам на децата целиот производствен процес. Овој вид на преработка на отпад не е загадувачки но е од огромно значење за животната средина во нашиот град. Во халата се преработуваат илјадници тони на пластични шишиња. Загадување на животната средина нема. Организираното собирање и преработката за Велес значи многу, бидејќи на улиците веќе и да нема пластичен отпад со што градот е почисто и поздраво место за живеење, додаде Павлов.
Освен граѓаните собирачи на пластични шишиња заслужни во изминатата година за собрани количини на пластика се и учениците од основните училишта.
– Денеска за прв пат видов како пластичните шишиња се обработуваат. На мама и на тато ќе им раскажам зошто треба да продолжиме да ги собираме а потоа да ги носам и да го полнам училишниот контејнер. Тоа треба да го правиме за домот и градот да ни биде почист, рече Ангела Маџарова ученичка во ООУ „Свети Кирил и Методиј“.
Со Ангела во компанијата „Павор“, на еднодневна екскурзија организирана од ЕД „Вила Зора“ беа уште 49 ученици од останатите основни училишта во градот.
-Еднодневната екскурзија и посетата на компанијата „Павор“ е завршен настан на едногодишниот проект „Намалување на Пет, преку собирање и рециклирање“ што ЕД „Вила Зора“ го организираше со цел да ја подигне јавната свест кај најмладите сограѓани кои претходно низ работилници ги едуциравме, со помош на проектните торбички успеавме секојдневно и низ акции редовно да ги полниме 50-те контејнери во училишните дворови и на најфрекфентните места во градот а исто така и да организираме акции низ централните градски улици за на нив да има што помалку пластични шишиња, рече проектната координаторка Весна Кочова.
Проектот, поддржан од ГЕФ ПМГ Македонија, има голема надеж да продолжи рекоа наставниците одговорни за работата на училишните еколошки секции. Тие само побараа почесто празнење на училшните контејнери од компаниите кои рециклираат пластичен отпад./У.Ј