СДСМ во Кавадарци: На прав пат сме, да не се враќаме назад
„Не смееме да дозволиме враќање на режимот на Никола Груевски. Настаните од црниот 27-ми април се потсетник на тоа каде сакаа да ја вратат државата“, порача на почетокот од своето обраќање на граѓанската трибина „На прав пат“ вечерва во Кавадарци, потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски.
-На 27-ми април ние како пратеници бевме подготвени и животот да го дадеме за слободата и иднината на оваа наша држава. Нема да дозволиме да се врати режимот, не смееме да го дозволиме тоа, 27-ми април е потсетник за тоа каде сакаа да ја втурнат државата, рече Спасовски.
За неполни 2 и пол години успеавме преку конкретни мерки да ги намалиме трошоците на граѓаните и да обезбедиме повеќе пари за секое семејство. Ја укинавме радиодифузната такста, ја вративме евтината тарифа на струја, ја зголемивме социјалната помош за 300 отсто, донесовме закон за стечајци и го решивме нивниот проблем, нашите реформи и политики се на прав пат, порача потпретседателот Спасовски пред огромниот број присутни граѓани и граѓанки на Кавадарци.
Спасовски се осврна и на растот на платите.
Бројките се тие кои го покажуваат успехот на реалната економија. Бројките говорат за тоа дека претходно за 5 години, претходната власт донесе 23 странски инвестиции вкупно. Сега, за само 2 и пол години ние донесовме 30 странски инвестиции, тоа се бројки со кои треба да се гордееме, истакна вицепремиерот Анѓушев од вечерашната трибината „На прав пат“ во Кавадарци.
Тој посочи дека минатата недела била пуштена една фабрика, а следната недела веќе треба да се пушти нова, како и дека 15 фабрики се градат во моментов.
Во 2 и пол години се вработија 54.000 луѓе , кои не се во администрација. Тоа се луѓе кои се вработени во инвестираните капацитети во државата.-рече Анѓушев.
Денеска имаме нето плата која е над 25.000 денари. Платата порасна за 2 години за 10 посто. Во дел тоа можеби се должи на порастот на минималната плата, но во суштина тоа го направи реалната економија и развојот на пазарот на трудот, преку отворање на работни места, каде истовремено расте конкурентнста и се качуваат платите, посочи Анѓушев.
За состојбите во аграрот на трибината говореше министерот за земјоделство Трајан Димковски.
-Кога дојдовме што имаше? Селективна исплата на субвениции, патриоти и комуњари, се бираше каде да се пратат контролите. Во тоа време бевме заробена држава. Ако имате заробени институции што имате. Во овие 2,5 години направивме многу промени. Ги зголемивме субвенциите како што беа во планот за живот, и во растителното и во сточарското производство. Ги седевме и барањата како се одвива развојот во самиот сектор. Воведовме и други контролни механизми. Рековме дека не може по 1,2 мил евра да се исплаќаат на една фирма. Во сите анализи што ги имаме над 70-80% се мали земјоделства до 1 ха. На нив обрнуваме многу внимание – нагласи Димковски.
На трибината присуствуваше и градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, за чиј пример Спасовски рече дека треба да го следат и други и да се приклучат на караванот на СДСМ.
Ангел Данов