ЗНМ и ССНМ: Новинар и снимател на ТВ Алсат спречени да ја работат својата работа во Чашка
Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници соопштија дека утрово, новинарска екипа на Телевизија Алсат пријавила спречување да врши професионална работа за време на протест на граѓани пред ОУ „Тодор Јанев“ во населба Чашка, против воведување паралелка на албански јазик во училиштето. Во соопштението на ЗНМ и ССНМ пишува:
„Откако колегата Авни Тахири и снимателот Новица Апостолоски пристигнале пред општината, дел од луѓето коишто протестираат им забраниле пристап и влез во општината и почнале вербално да ги напаѓаат, притоа пробале и физички да ја тргнат камерата, како што се гледа и од видеото објавено на официјалната Фејсбук страната на ТВ Алсат.
„Шо снимаш бе… Симни ја камерата, 100 пати ти рекоа симни ја камерата, прекини!“
На реакција на снимателот Апостолоски кој вели: „Не сум дома дојден да снимам“, еден од протестантите вели: „Па дома ми дојде, мое е ова бе, шо државно бе, само тоа сте научиле, тргни се оттаму ајде“.
Потоа, по кратка недолична конверзација, лицето кое се обидува да го избрка снимателот, влегува во општината и не дозволува да влезе во општината.
Според кажувањето на колегата Тахири, по завршување на инцидентот, тие повторно се обиделе да влезат во општината со цел да земат изјава од градоначалникот, но уште еднаш биле спречени да влезат, овој пат од чуварот во општината,“ пишува во соопштението за јавност на Здружение на новинари на Македонија.
Од Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), исто така, бараат објаснување од страна на општината во врска со спречувањето на новинарската екипа да влезе во јавна установа.
„Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество. Насилството и спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура,“ констатираат од ЗНМ и ССНМ.
Дума.мк