Данов: Нам непознатиот Рацин
И после 80 години од издавањето на најзначајното литературно дело на македонската литература , збирката песни ,,Бели Мугри“, нашиот сограѓанин, поет и револуционер Коста Солев Рацин не престанува да не`изненадува и инспирира. Кога мислев дека добро го познавам делото на Рацин, дојдов до некои негови ракописи, кои ниту јас, но и многубројната читателска публика, претходно, не сме ги читале.
Ракописите се оригинални, потврдено од познавачите на делото на Рацин. Јас сум многу среќен што имав можност да ги прегледам ракописите, особено што скоро сите се однесуваат на веќе познати дела на Рацин, Вам секако добро познати.
Сакам да ги споделам овие ракописи со Вас. Ќе започнам со една верзија на песната ,,Денови“:
,,Како на вратот гердани
така на очи денови
легнале та ми заспале
легнале та натежнале
круши, јаболки, презрели
товари со лубеници.“
Рацин веројатно во текот на целиот свој живот направил многу вакви записи скоро за сите свои песни. Читајќи ги неговите соборци и современици доаѓам до заклучок дека Кочо правел повеќе верзии на истата песна, а потоа полека и спокојно ,,ја брусел“ нејзината содржина се до конечната верзија која ја издавал и печател.
Особено е чувството кога читаш и размислуваш како поетот ги трансформирал своите замисли и дошол до финалната верзија на песната. Еве и некои фрагменти, но и финализирани песни, овој пат во машинопис:
„Сакаш ли корави раци
тебе да милуат?
Сакаш ли вити бајраци
над тебе да вијат –
Зора на денови нови
зора на бедните, –
на твоите синови
да престанат маките ?“
Оваа, за мене барем непозната песна на Рацин, започнува со стихот ,, Сакаш ли корави раци тебе да милуат?“. Ова го покажува рациновиот стремеж да пишува користејќи го велешкиот говор: раци –место раце и милуат –место милуваат.
И сега, една убава Рацинова песна за која верувам дека е посветена на неговата болна раздела со Невенка Вујиќ, неговата вечно скриена и потисната љубов, која морала да замине од Велес во 1936 година, по наговор на нејзиниот татко. Вистинската причина за разделба е премногу комплексна и тажна , но за тоа ќе проговориме во друга прилика. Сега , прочитајте ја песната и уживајте во несекојдневниот Рацин:
Нели бевме..
Нели бевме, нели бевме
два галеба – бели, бели,
силно, високо летнати !
Кој ни скрши, кој ни скрши
крилца бели, та паднавме!
Не ли бевме, не ли бевме,
трендафили два румени,
еден до друг, еден со друг?
Како никна, како никна
трнот што не нас раздели!
Нели бевме, не ли бевме,
два другара – верни, верни
една душа , една мисла?
Како капка, како капка
отров што ни душа отру?
Не ли бевме, не ли бевме
еден поглед от две очи
в ден утрешен двата криле ?
Кој направи, кој направи
утре да сме – на две страни!
Не ли бевме, нели бевме
еден за друг радост силна
радост пукна и поштукна ?
Како стана, како стана
еден за друг – да сме рана!
Преубаво, ако е и од Рацин! За крај да се осврнам и на истражувањата за песната на Кочо Рацин ,,Ленка“ или ,, Менка“ во првобитната верзија. Имено, проф. др. Блаже Ристевски во својата книга ,,Животот и делото на Кочо Рацин 1908-1943“ дава една верзија за изворот на инспирацијата на Кочо за оваа песна.
Тој кажува дека на Трајко Мишковски, сосед на Кочо во Велес, му раскажал дека Кочо напишал песна со наслов ,, Монополка“. Песната била посветена на сестрата на Трајко, Ленка Мишовска. Таа била врсник со Кочо, работела во Монополот, а нејзиниот живот завршил трагично. Меѓутоа, во времето кога песната била напишана Ленка Трајковска сеуште била жива и секое утро тропала со наланите по калдрмата.
Веројатно , според Трајко Мишковски, првобитната верзија на песната била ,,Менка“, а по смртта на сестра му, на 24.05.1934 година е променет насловот во ,,Ленка“! Дали е ова точно, не се знае, бидејќи девојката боледувала од реума и веројатно починала од срцев удар, а не од туберкулоза!
Ганчо Хаџипанзов
Но, има уште некои нејаснотии со ова песна и нејзиното име. Проф. Шоптрајанов му однел 1933 година во Париз неколку песни од Кочо Рацин на Ганчо Хаџипанзов, исто така прјател Рацин, затоа што Кочо често барал и негово мислење за својата поезија. Проф.Шоптрајанов вели дека песната веќе била насловена како ,,Ленка“, иако според кажувањата на Мишковски преименувањето се случило дури во 1934 година.
Проф. Шоптрајанов
Рациновата ,,Ленка“ има неколку стихови кои ја поистоветуваат со стиховите од ,,Марика мома убава“ и ,, Биљана платно белеше“. Но, стиховите на сите три песни се надоврзуваат на општоприфатените народни изрази, па ,,кошулата беше даровна“ си личи на ,, платното беше даровно“. Оваа песна е напишана на почетокот на Рациновото творештво, кога неспорно авторот можеби бил силно опседнат од народното творештво.
И на крај, што да се каже за нашиот Рацин? Рацин вечно ќе чекори по велешките сокаци и јас би сакал ,, да го сретнам Рацин на сокак и да му стегнам десница рака, за да знае дека сеуште има некој, што го чита и го почтува !“ Верувам дека ќе има уште многу непознати стихови од Рацин !
Љупчо Данов