Деветмина оздравени велешани од ковид 19
28.05.2020
Нема новозаболени сограѓани од инфективната болест во изминатите 24 часа во градот. Оваа добра вест е надополнета и со бројката од 9 оздравени велешани што сега ја објави Институтот за јавно здравје. Тие се денеска најбројни во вкупната бројка што изнесува 16 на територијата на државата потоа следат градовите Прилеп со 4 и по 1 оздравен во Скопје, Куманово и Битола.
Во изминатите 24 часа починаа двајца пациенти од Тетово. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 74 годишен пациент, лекуван на клиниката од 21 мај. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент на возраст од 57 години, хоспитализиран на 23 мај. Во Институтот, од болницата Ремедика, за анализа е пристигнат постмортем брис на пациент од Скопје (53г) и истиот е позитивен на ковид-19.
Во последните 24 часа направени се 560 тестирања, а регистрирани се 38 нови случаи на ковид-19.
– Скопје 24
– Куманово 4
– Штип 4
– Тетово 3
– Битола 1
– Неготино 2
Досега во земјата се направени вкупно 27023 тестирања на ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 168 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Куманово и Скопје и не се регистрирани позитивни случаи на ковид-19.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2077, бројката на оздравени пациенти е 1486, на починати е 122, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 469./У.Ј