Собрани 7.922 денари во дводневната акција за помош на Тодор Манев
Пет илјади триста и шест денари собраа волонтерите кои денеска седеа покрај касата за донации и помош на седумдесет и две годишниот Тодор Манев од Велес. Заедно со вчерашниот ден на болниот и сиромашен велешанец утре ќе му бидат предадени 7.922 денари. Овие пари ги донираа граѓани на Велес додека минеа по тротоарот пред зградата на Основниот суд во Велес. Информацијата за вкупно собраните средства му ја соопштивме на чичко Тодор а тој скромно и со треперење во гласот ни рече дека одамна не почувствувал ваква човечка доблест од млади луѓе кој пожртвувано му пристапиле.
„Ви благодарам деца за вашата пожртвованост и особено за желбата да му помогнете на еден стар и сиромав човек. Мене вака со години никој не ме израдувал. Ја користам оваа можност да им се заблагодарам на сопствениците на трговскиот ланец на маркети кои ќе ми овозможат до крајот на годината да пазарам без да платам, месечно, до 2 000 денари. Тие беа многу љубезни кога ги замолив да најдат место и да го вработат мојот син. Ми ги зедоа податоците и ми рекоа да почекам за да се ослободи место. Исто така сакам да му се заблагодарам и на сопственикот на една пекара кој освен што пуштил 1 000 денари во касата кај вас, понуди мојот син за работа да му се обрати нему,“ рече Тодор Манев.
И покрај тоа што знаеме дека парите што ги собравме од дводневната хуманитарна акција се премалку за да светне силајицата во домот на чичко Тодор, сепак се надеваме дека на него ќе се сетат и други хумани луѓе кои што ќе уплатат парична помош на неговата трансакциска сметка 210501604105733 во Тутунска банка со назнака „хуманитарна помош за сиромашен и болен граѓанин“.
Тодор се надева дека помошта од хуманите луѓе ќе му ја олесни ситуацијата во која се наоѓа и ќе придонесе да се врати мирот и спокојот во неговиот живот. /У.Ј