Работната група ќе го чешла Избирачкиот список, партиите бараат нов датум за избори
Методологијата за прочистување на Избирачкиот список ќе се разгледува на денешниот состанок на работната група што ја води белгискиот посредник Питер Ван Хауте, а на која ќе учествуваат претставници на четирите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА. Од друга страна веќе се поизвесно е дека партиите бараат нов датум за избори, бидејќи како што коментираат партиски претставници, одложувањето на изборите веќе се случило со тоа што оставката на Никола Груевски од премиерската функција не беше констатирана во рокот од 100 дена пред денот на изборите 24 април, како што предвидуваше Договорот од Пржино.
Телевизијата Алсат М, повикувајќи се на свои извори, вчера објави дека нова дата за организирање на изборите околу која преговараат партиите е петти јуни. Околу оваа дата наводно имало согласност од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и од ДПА, додека се чекало да се изјасни СДСМ. Се шпекулира и дека оваа дата ќе биде последна опција, ако не изборите ќе се организираат во редовниот термин за две години.
На денешниот состанок на работната група ќе се разгледуваат двата предлог правилника за начинот на водење, ажурирање и прочистување на Избирачкиот список што Државната изборна комисија ги испратила до партиите. Иако овие предлог-правилници се подготвени, сепак, партиите ќе треба да се договорат како ќе се прави прочистувањето на Избирачкиот список, дали со целосна теренска проверка од куќа до куќа, како што беше договорено или само ќе се проверуваат сомнителните адреси.
Засега нема информација кога ќе продолжи работната група на која ќе се разговара за реформите во медиумите, веројатно ќе се чека прво да се затвори прашањето за Избирачкиот список.
Вчерашниот состанок на работната група како што неофицијално дознаваме бил на иницијатива на претседателот на ДИК, Александар Чичаковки, кој сакал пред партиите да го презентира она што му го кажал на еврокомесарот Јоханес Хан околу можноста до 24 април да се организираат фер и демократски избори.
Ставот на првиот човек на ДИК кој за прв пат беше избран како експерт, а не како претставник на опозицијата, бил дека до 24 април само технички може да се организираат избори, но до тогаш не може да се добие прочистен Избирачкиот список во кој сите учесници во процесот ќе имаат доверба.
Еврокомесарот Хан по завршување на средбата во Пржино, повикувајќи се на тоа што му го кажал Чичаковски, само рече дека до 24 април може да се организираат технички избори.
Извор: Плусинфо.мк