Новинарството е протерано од редакциите
Истражувачкото новинарство во македонските медиуми слабо се користи како новинарска форма, па така само 0,4 отсто од сите објавени текстови биле истражувачки, а 4,6 анализи, покажа мониторингот што е спроведен од март до мај 2016 година во десет медиуми, пишува Макфакс.
Во овој период биле објавени 125 истражувачки стории, на економски теми и актуелната политичка криза, а мал број се однесувале на откривање случаи на корупција или на теми кои би помогнале да се подобри одреден сегмент од животот на граѓаните.
Како што појасни Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, истражувачките стории најчесто биле најавувани на насловните страници од весниците или, пак, на форшпан на телевизиите, но во просек ја заслужиле 21 страница од весникот или во вестите биле објавувани во просек во 13 – тата минута.
Според неа, тоа значи и дека и самите медиуми биле свесни дека истражувачката сторија нема таков квалитет за да биде носечка вест во текот на денот. Таа посочи и дека ретко некоја истражувачка сторија кај нас се презема од медиумите, ако се земе предвид дека во последно време тренд е истражувачки стории да се појавуваат на порталите, а традиционалните медиуми стагнираат во тој поглед.
„Што ако таа сторија се објави на страната на порталот и ја прочоитаат 5.000 посетители. За нив ли работевме? Ако ја преземат традиционалните медиуми, најмногу телевизиите, би стигнала до поголема публика и можеби ќе има некаков ефект од неа“, смета поранешниот новинар Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.
Мониторингот покажал и дека 24 отсто од сториите се на иницијатива на самите новинари додека останатите ја следат актуелната состојба или нешто што најавила опозициската партија, или некој настан што се случил во тој период.
Сепак најголема забелешка има на квалитетот на приказните, кои дури во 9 отсто немаат наведено ниту еден извор, а само во 18 отсто има еден извор. Најчесто изворите се државни институции, што исто така доведува до заклучокк дека моќниците повторно го контролираат новинарството, а во речиси половина од сториите не е консултирана засегната астрана или пак е консултирана, но нема коментар на случајот што се обработува. Исто така, дури во 82 отсто од сториите објавени во тој период мониторингот не можел да утврди дека новинарот поседува документи со кои ја поткрепуа сторијата, а документи има за само 7 отсто од сториите.
Според Тамара Чаушидис, од БИРН истражувачкото новинарство е модерен термин за добро, темелно новинарство кое има интегритет.
Таа смерта дека најголемиот проблем во македонското општество е што не можеме да ја промениме перцепцијата за новинарството и што сакаме од него, ниту, пак, граѓаните знаат кому му служи.
„Новинарството е протерано до редакциите и можеме да го најдеме во редакции кои зависат од донатори или се исклучок“, рече таа, додавајќи дека токму затоа сега се расправа за Законот за медиуми, којшто според неа не е ништо друго туку порака од оваа номенклатура до провладините медиуми дека ако победат на следните избори ќе продолжат да ги финансиираат, или легално да ги поткупуваат.
Филков смета дека нема зошто владата да се рекламира во приватни медиуми, за тоа го има јавниот радиодуфузен сервис, кој од друга страна треба да биде сервис на граѓаните и всушност главен носител на истражувачкото новинарство.
Билјана Петковска од МИМ истакна дека прегледувајќи ги заклучоците од жирито при доделувањето на нивната новинарска награда воспоставена во 2001 година, во периодот од 2001 до 2010 година се забележувал подем во истражувачките стории, за од тогаш до 2014 потполно да замре, а сега повторно се забележува позитивен развој, со тоа што традиционалните медиуми заостануваат, а интернет порталите се носители на истражувањето.
Новинарството од корен треба да се поддржи и да се вратиме на стандардите, најпрво во дневните извештаи, кои повеќе не ги почитуваат новинарските правила,а потоа да преминеме на повисоките форми на новинарско изразување, како истражувачки стории, порача новинарот Драган Антоновски.
Ниските плати, редакциската десеткуваност и новинарите на партиска задача се дел од причините заради кои новинарството е на ниски гранки, смета новинарката Гордана Дувњак од Утрински весник.
„Најбогатите ги поседуваат медиуми во светот и тие диктираат што ќе се работи, а информацијата што ја добиваме е на дневна основа. Не смееме да занемариме дека социјалните мрежи и фејсбук се извор на информации. Заради ова медиумите имаат улога да анализираат и да известуваат професионално“, порача Аиво Орав, евроамбасадорот во Македонија.
Мониторингот е поддржан од Европската унија, а проектот ќе трае до 2019 година.
Извор: Макфакс