Плус инфо: Меѓународната заедница ќе ги брка фантом гласачите од избирачкиот список во Македонија
Преку примерот на жителите од улицата „Славко Ѓоргиев Сватот“, во зградата број 2 во населбата Тунел 1 во Велес, се гледа обидот на секој начин да се уфрлат гласачи кои фиктивно се водат на адреси, а не се знае од каде се.
Жителите тврдат дека не само што имаат фантомски комшии, кои со задоволство би сакале да ги запознаат, туку некој им допишал и фантомски станови во кои живеат фантом-комшиите.
Тие тврдат дека фантом гласач е извесна Билјана Таневска која се води на нивната адреса, но нема број на стан во зградата, во кој наводно би живеела. Во оваа зграда има 20 стана, но на списокот фигурира и стан 24 кој би требало да лебди во воздух. Во тој стан е запишан гласачот Сашко Трајковски. За жителите од оваа зграда, фантом гласач е и извесна Грозда Маневска, која фигурира дека живее во станот со број 5 и Марија Цветковиќ која фантомски е вселена во станот со број 8, сопственост на сосема други луѓе. За нив, изненадување се и имињата на Снежана Темелкова која ја пронашле како фантомски гласач во станот со број 10, некој си Зоран Ивановски кој фигурира во станот со број 12 и Аница Анастасова која наводно живее во станот со број 14.
– Излезе дека во цела зграда, во секој наш стан ни живее по уште еден потстанар кој ние никогаш не сме го виделе, ама тој има право да гласа, како и ние на исто избирачко место. Навистина би сакале да ги запознаеме нашите „комшии“ – велат жителите на оваа зграда, собрани пред влезот, дискутирајќи за новите „фантом- комшии“ кои ги откриле на Избирачкиот список.
Сепак, некој се сетил за новите „фантом гласачи“ во избирачкиот список да „изгради“ и втор влез на оваа зграда. Во реалноста оваа зграда има само еден влез, но на списокот, во вториот влез, во станот со број 9 живеат Кире и Росана Чулевски, во станот со број 11 се „вселила“ Ѓурѓа Миленковска, во стан број 6 живее Зоран Петрушевски, а целото семејство Трајкови, Менда, Сања и Василчо живеат во станот со број 15 во непостоечката зграда на оваа велешка улица.
Од постоечката зграда на истата адреса одамна заминале две семејства во странство, но тие и натаму фигурираат на списокот како станари во становите со број 17 и 20.
Но, ова не е единствениот пример на фантоми во Велес на кои ни укажаа граѓаните. Преку пребарување во списокот, во зграда на улица „Андон Шурков“ број 8, во комплексот УЗУС пронашле запишани седум гласачи, кај кои, како податок стои само редниот број на зградата, но нема број на влез или стан.
Велешани од улицата „Енгелсова“, на бројот 4 пронашле, исто така, фантомски гласачи. И тие тврдат дека дел од случаите ги пријавиле преку веб апликацијата во ДИК, но за кусо време, на втор обид да пријават друг случај, апликацијата го одбивала нивниот пристап, со електронска порака дека „не се регистрирани во списокот како избирачи со право на глас“, пишува Плус инфо во текст со наслов Меѓународната заедница ќе ги брка фантомските гласачи од Избирачкиот список во Македонија.
Целиот текст прочитајте го на овој линк: Плусинфо