„Напуштени храмови“ – изложба на фотографот Стефан Шашков во Ликовен салон во Велес
Преку 24 фотографии, од вкупно 86 снимени пред две години во селата во велешкиот регион, скопскиот фотограф Шашков на љубителите на овој вид уметност во Велес им ја раскажува приказната за напуштените црковни храмови кои се дел од богатото културно наследство во државата. Изложбата е поставена во Ликовниот салон во Велес. На фотографиите на Шашков се овековечени црквите и манастирите кои и покрај видно нарушената состојба сведочат за автентичноста и континуитетот на македонската градителска и зоографска традиција. Тие пленат во просторот во кој се изградени, со своето материјално и духовно богатство.
– Шашков, тетирајки ја фотографијата како уметност и користејки ги во целост можностите на фотографскиот медиум, ни предава прекрасни визури на еден исклучителен простор, христијанскиот храм замислен како сцена на животот, преку раѓањето до моментот на христијанската смрт и вознесувањето. Внатрешноста на црквите и манастирите, каде изминатите векови се одвивал бурен живот, во мистичниот шепот на преставите на светителите низ живописот и иконописот во црквите, каде вековните временски пластови насобрале многу желби, надежи, венчавки и крштевки..тагувања..каде религиозниот човек ги насочувал погледот кон надземното, каде биле крстени, подучувани на првата христијанска тајна, учени на тесната врвица меѓу животот и смртта, дава посебен акцент на светите садови на богослужбата.. крстовите и висечките ламби пред олтарот, кои го симболизирале и осветлувале патот кон вечниот живот, мобилијарот, декорацијата но и нивното подлабоко симболично значење поврзано со животот и вознесувањето, кои обвиени со пајажини и прашина `ргосуваат и потсетуваат на заборавот и земниот краток живот, рече директорката на Народен музеј на Велес, Елица Николовска на отворањето на изложбата.
Фотографиите на напуштените храмови не потсетува на нашата негрижа за богатото културно наследство кое ни го оставиле генерации на знајни и незнајни градители и неимари смета авторот.
– Штом се отвори вратата на црквите и манастирите чинам дека прво што почуватвував беше мирисот. И тоа го препознаа посетителите на мојата изложба во градовите каде што изложував пред Велес. Ми пријде во Струмица еден лекар и ми рече дека од фотографиите зрачи тој автентичен мириз на внатрешноста на духовните храмови. Тоа за мене беше одличен комплимент. Играта на темнината и на светлоста е втората работа што мислам дека успеав да ја доловам на автентичен начин. Намерно не користев вештачко осветлување при фотографирањето. Третата работа што успеав да ја доловам е пајажината која што стои во внатрешноста на храмовите, ја има помеѓу кандилата, иконостасите а создава интересна игра. Треба да се погледнат фотографиите и да се доживее целата убавина што од нив блика, рече Шашков.
Изложбата, пред Велес, беше поставена во Македонскиот културен центар во Њујорк, потоа во Струмица и во Куманово а наредниот месец фотографиите ќе имаат можност да ги погледнат граѓаните во Скопје.
Авторот е дипломец на Институтот за историја на уметност и археологија при УКИМ. Досега Шашков реализирал повеќе изложби и добитник е на повеќе награди, меѓу кои е на Специјалната награда на жирито за документарниот филм „Бои во времето“ на „Астерфест“.
Убавка Јаневска