Изложба на дела од сликарско – копаничарска колонија “Папрадишки мајстори“
Четириесетина уметнички дела, создадени на дванаесетата сликарско – копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“, вчеравечер беа изложени во ликовниот салон во Велес, по повод празникот на градот, 9 ноември. Љубителите на ликовната уметност имаат можност да погледнат своевидни дела на дваесетина автори од Русија, Словенија, Србија, Турција, Бугарија и Македонија, кои во август годинава твореа во куќата на Касапови.
– Со оваа колонија се обидуваме да ја рашириме ликовната култура до секој граѓанин и да ја збогатиме културната ризница на градот. Делата создадени на оваа колонија нека бидат чувар на спомените на творештвото и инспирација за нови идни гостувања на градот со културен предзнак, рече Англ Коруновски, претседателот на ЗГ Папрадишки мајстори.
На отворањето на изложбата беа присутни и двете авторки од Русија Јулија Жукјова и Ала Квастунова, чии дела заедно со останатите ќе ги красат институциите каде ќе бидат поставени. Повеќето од уметничките дела на изложбата се масло на платно на кои е пресликана моменталната инспирација на авторите од градската архитектура и природата./Д.С