Велешанец шеснаесет години не може да докаже дека е инвалид на труд
Велешанецот Љубчо Атанасовски, поранешен работник на „Порцеланка“ , цели шеснаесет години не може да ги оствари правата на лице со намалена работоспособност. Него надлежната институцијата во поранешна Југославија го прогласила но, сегашната, ПИОМ, му го оспорува тоа право. Атанасовски со решение бр. 199 од 8.10.1985 година во кое за прв пат е констатирана намалена работоспособност од тогашниот СИЗ бил преместен од погонот глазирница во заштитната работилница на фабриката за производство на керамички производи во Велес. Таму работел петнаесет години се додека Порцеланка не се затвори но, кога во 2000 година бил отпуштен од работа, како технолошки вишок, тој бил единствен од вкупно 96-те работници што не добил надомест за инвалидност до наредно вработување или пензионирање .
– Тогаш ја започнав постапката за докажување на правдата. Го обжалив решението да не примам надомест и стигнав до Врховен суд. Првата одлука на највисокиот суд беше во моја полза за потоа одлуката по жалба на ПИОМ да биде сменета. Сакам да кажам дека тогаш препораката на судот беше да се препровери моето персонално работничко досие. Кога јас отидов во Архивот моето досие го немаше. Симптоматичен за мене беше наодот што тогаш го дала комисијата за ИПК, бидејќи јас не бев повикан повторно на преглед. За тоа се жалев но, како случај не го земаа во предвид ни Обвинителството, основното и републичкото, ниту Хелсиншки комитет, Народниот правобранител, рече Атанасовски.
Од документите што Атанасовски ги приложи судот тогаш барал да се утврди дека тој бил вработен како работоспособен и дека потоа се разболел од болеста сколиоза. Поточно дека деформитетот на р`бетот и проблемите со пршлените се случиле додека работел во погонот глазирница. Претходно, пред да се вработи во Порцеланка бил на воена комисија за проценка на здравствената комисија која потврдила дека е здрав и Атанасовски заминал на служење на воената обврска.
Штом беше ставен катанец на капијата на „Порцеланка“ овој педесет и седум годишен велешанец се пријавил во Агенцијата за вработување и таму се води како лице со намалена работоспособност. Вработените во Агенцијата се обиделе да му помогнат со тоа што му понудиле можност за вработување кое може да биде соодветно на неговата здравствена состојба. Но, ИПК во два наврати им одговорила дека Атанасовски не може да ги користи правата по основ на член 2 од Законот за вработување на инвалидни лица поточно на лице со намалена работоспособност.
– Агенцијата за вработување ми помогна да поднесам барање за отварање на приватна дејност. Јас да си остварам вработување и да се згрижам. Друг основ нема бидејќи како здрав и работоспособен не можам да се вработам и ме одбија за вработување кај работодавец. И повторно ИПК утврдува дека не можам да ги остварувам правата како лице со намалена работоспособност. А сум прогласен за лице со намалена работоспособност уште во 1985 потврдена од републичка комисија. Тие права до денеска јас не можам да ги остварам, рече Атанасовски.
Сега тој ги прашува надлежните како да дојде до вработување ако не може како здраво работоспособно лице, ни како лице со намалена работоспособност од страна на работодавец ниту да искористи поволности од државата и сам да се вработи во своја фирма.
Откако веќе се жалел пред првостепената и второстепена комисија сега Атанасовски вели дека поднел жалба до Министерството за труд и социјална политика од каде очекува да го повикаат. Тој смета дека на негова страна е членот 2 од Законот за вработување на инвалидни лица во кој стои дека инвалидно лице се смета и инвалид на труд со преостаната или намалена работна способност и ако се води во евиденцијата на Агенцијата за вработување на РМ како невработено лице.
Убавка Јаневска