Нова премиера во велешки театар, претставата „Синиот портокал“
Режисер на претставата, работена според текстот на современиот британски автор Џо Пенхол, е Александар Ивановски.
Оваа драма топло ја брани неправдата која се нанесува преку негативна или преку позитивна дискриминација. Во неа централен лик е афроамериканец, кој доаѓа од црнечкото гето и е болен од шизофренија. Преку приказна, во која централни ликови се Брус, Кристофер и Роберт, се задира во современата психијатрија во која се практикуваат застарени методи на лекување кои докторите ги прават беспомошни кога треба да ги лекуваат своите пациенти без седативи.
Во претставата публиката ќе ги запознае психијатрите Брус и Роберт. Првиот е со помало искуство од вториот психијатар, но многу е приврзан за својот пациент. Иако на двата еминентни психијатри би требало да им биде поважен животот на пациентот, бирократските правила, колегијалните местенки и ривалството во еден момент стануваат поважни од се.
„Синиот портокал“ во себе содржи една поинаква драматуршка адаптација. Контекстот се актуелизира и локализира. Адаптацијата се однесува на Ерџан, ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника. Освен што говорот на Ерџан е адаптиран, природен и својствен на неговиот лик, адаптацијата е доследна на оригиналната драма.
Во претставата „Синиот портокал“ настапуваат актерите Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски и Жарко Спасовски. Режијата е на Александар Ивановски. Драматург е Катерина Момева. Сценографијата ја подготви Филип Коруновски и автор на музиката е Сашко Костов.
Премиерното прикажување во велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ е закажано за во среда, 12 април./У.Ј