Три нови играчи во ФК „Борец“
Македонската фудбалскa федерација даде виза и фудбалерите Вилдан Керим, Бојан Иванов и Тони Праскачев станаа дел од тимот на велешки „Борец“.
Тие дресот на велешкиот фудбалски клуб ќе можат да го облечат веќе во сабота кога на помошното игралиште во градскиот парк, велешките првотимци, ќе ги одмерат силите со екипата на прилепска „Победа“.
Натпреварот ќе започне во 13 часот.
Станува збор за многу значаен натпревар во кој извојувана победа ќе значи дека „Борец“ ќе добие шанса да се извлече од дното на табелата на втората фудбалска лига и да се бори за опстанок.
Керим во „Борец“ доаѓа од прволигашот „Еуромилк“. Ќе игра на позицијата крило. Иванов го соблече дресот на прволигашот „Македонија Ѓорче Петров“ и во „Борец“ ќе продолжи да игра на местото полушпиц додека Праскачев е засилување на везниот ред на велешкиот второлигаш кое доаѓа од кавадаречки „Тиквеш“, тим кој престана да се натпреварува.
Дума.мк дознава дека Управата на ФК „Борец“ договара трансфер на уште еден играч чие име засега не се открива./А.Д