Почнува сезоната за собирање боровинки!
За некој ден и официјално треба да започне сезоната на собирање на боровинки во Кривопаланечкиот регион иако вистинската треска за нивно собирање започна многу поодамна.
Според евиденцијата на надлежните боровинки ќе можат да собираат лица на кои претходно ќе им бидат издадени легитимации-маркици за што требаа да платат по 400 денари.
Примамливата цена која лани изнесуваше 130 ден за кг ги натера берачите од градот и селата интензивно да излегуваат на терен во потрага по ова зрнесто овошје.
-„Тргнуваме уште во рани зори,со часови одиме пеш по ридиштата,високи треви,коприви,растенија се е зеленило околу нас зашто нема многу добиток кој се качува на оваа височина за да ја испаси тревата . Така сме по цел ден, се додека не паднеме од умор и не се стемни.Мораме да собираме,немаме работа,социјални случаи сме,сите во фамилијата живееме од собирање на шумски плодови,прво печурки па сега и боровинки. Секој ден ни е различен, некогаш ќе набереме 20 кг ама има и убави денови кога сме успеале да собереме и до 50 кг во еден ден. Сепак ,мачно е,треба да умееш со чешелот и гребулчето,како што ние по нашински си го нарекуваме алатите со кои ги береме“,вака ни раскажа собирачка на боровинки од Крива Паланка.
Секој берач на боровинки носи капа за да се заштити од силното сонце кое како за инает свети силно над глава а тука им се и ракавиците и чизмите. Велат така било најдобро,се штитат од гребениците на тревата и дрвата но и од змии кои ги има многу на овие делови.
Боровинките,во главно, секоја година се берат на Калин Камен,како и на други локалитети на Осоговските Планини, тука се Чупино Брдо, Влашки чукар и Султан Тепе. За да стигнат до местата каде што се собираат боровинките луѓето одат организирано со сопствени возила па земаат и камиони,каде остануваат преку цел ден за да ги наполнат кофите. Велат дека како и секоја работа така и при берењето на боровинки треба да се има тактика а треба трпение и издржливост за да се соберат овие ситни плодови кои како стотици светилки ги има на стеблото.
-„Треба брзо да се фати со гребулчето за сите плодови да паднат во кофата. Има многу берачи верувајте,можеш да ги сретнеш и до 100 на планините,долги редици,како мравки низ шумите и ливадите кои се преполни со насади на боровинки. Многумина од нас кога е сезоната за нивна берба земаме и одмор од работа за да можеме да спечалиме некој денар повеќе“,ни раскажа жител на село Дурачка Река,кој е редовен берач на шумски плодови.
Од откупните пунктови кои ги има на неколку места во градот велат дека сеуште не почнале со откуп,се чека да созрее убаво боровинката да ја добие потребната боја и зрелост.
-„Лани имавме случаи кога откупувавме и по 4 тони на ден боровинки. Сега чекаме боровинката да добие на зрелост,иако слушнавме дека имало и такви кои веќе почнале со нејзина берба предвреме. Откупуваме и печурки иако оваа година родот беше многу послаб а цената на вргањот некои денови падна и на сто денари за кг. Но што да се прави мораме и ние сме погодени со пазарните услови ,сепак како и да е тоа е можност граѓаните од овој сиромашен крај да си обезбедат живејачка – ни рекоа од откупен пункт и од Крива Паланка.
Оние граѓани пак кои ги користат за лична употреба се незадоволни зашто голем дел од берачите веќе ги сардисаа шумите и ги берат боровинките иако сеуште не се зрели. Велат дека некои од нив ги чуваат дома. / Б.Н.Т