Ребалансиран буџетот на Кавадарци, одобрен новиот план за вработувања, програмата за гроздоберот дополнително ќе се разгледува
Кавадаречкиот совет денеска со 10 гласа „За“ и 6 „против“ даде зелено светло на годишниот план за вработување во општината. По две одлагања на овие точки советот денеска пред почетокот на редовната 59 та седница го одржа продолжението на 58-та.
Советниците од СДСМ побараа од градоначалникот појаснување зошто годишниот план за вработување не бил доставен до министерството уште во месец мај кога претходно советот се изјавни по него, туку сега се бара поништување на првичниот и усвојување на нов план.
Градоначалникот Александар Панов рече дека станувало збор за технички проблем, но и поради политичката криза општината не дејствувала.
„Тогаш планот се однесуваше за неколку пожарникари, сега планот е проширен и со неколку нови вработувања и унапредувања на вработени во општината. Очекувам од новата централна власт да овозможи општините да имаат целосна самостојност во овој дел“ рече Панов.
Реплицираше советникот Зоран Бањански и обвини дека објаснувањето на градоначалникот за технички
пропуст не било издржано.
„На тие што им ветувавте вработување треба да им кажете дека ќе бидат вработени од 1 јануари следната година. Не треба да се лажат луѓето. Сакате да им кажете еве ние сакавме да ве вработиме, ама новата власт не дозволува. Оваа точка е тотално незаконска“ обвини Бањански.
На говорница повторно излезе градоначалникот кој дообјасни дека во противпожарната единица во Кавадарци било неопходно вработување на пожарникари, бидејќи 5-6 веќе биле пензионирани, а имало најави и за нови пензионирања.
„Не станува збор за популизам. Јас очекувам министерството да не ни даде согласност на планот. Тогаш ќе се знае кој ги кочи работите, тогаш ќе имаме аларм во противпожарната единица“ рече Панов и нагласи дека планот за кој расправа сегашниот состав на советот ќе му биде од корист на идниот градоначалник, кој и да биде.
Советникот Сашко Петров го прозва секретарот на општината за неодговарање на барањето на советниците да се појавел на седница и да дадел објансување на прашања од советниците.
„Не сме против нови вработувања. Зошто навреме не сте го пратиле планот. Проблемот е кај вас
. Ни давате да гласаме одлуки без правен основ“ забележа советникот Горан Белевски, на што градоначалникот одговори дека министерството било тоа кое требало да се изјасни дали одлуката била законска или не.
Во рамки на редовната 59 та седница советот расправаше по кварталниот извештај за извршувањето на буџетот за вториот квартал од годината и по ребалансот.
Опозицијата во Советот забележа дека буџетот се реализирал само во делот на плати за вработените во општинската администрација за кои се трошеле по 46 милиони денари за 101 вработен. Капиталните расходи биле на многу ниско ниво.
„И годинава реализацијата на буџетот ќе биде околу 9 милиони евра. Незнам од каде планира да најде уште еден милион евра за ребаланс кој го бара градоначалникот. Ова е ребаланс за избори, но нема да дозволиме повеќе купување на избори“ рече советникот од СДСМ, Зоран Бањански.
Советничката Милица Андова констатира дека за шест месеци буџетот бил реализиран само 14%. Обвини за непродуктивни трошења, а ребалансот го нарече смешен.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев ги спомена реализираните проекти во минатиот период и упати апел владата на СДСМ да почнела да се занимава со проблемите на земјоделците. По ова следеше реплика од Сашко Петров кој обвини дека во изминатите години владата на ВМРО-ДПМНЕ реализирала само еден проект за земјоделците, а тоа било нивно уништување.
Градоначалникот Панов рече дека се додека општините не добијат финансиска децентрализација буџетските планирања ќе бидат вакви.
„Објективно знаеме дека планираниот ребаланс од еден милион евра е нереален, но очекувам на крај на годината да имаме реализација на буџетот од околу 80%. Не е ова буџет за избори, туку буџет за потребите на граѓаните“ подвлече Панов.
Советникот Сашко Петров упати критика на поранешната централна власт што 11 години не издвоила пари да се изгради нова градинка во Кавадарци и побара од градоначалникот ветување, доколку актуелната централна власт изгради нова градинка, да даде јавна благодарност, на што се обврза и градоначалникот.
Кварталниот извештај и ребалансот беа изгласани со 10 гласа „за“, 5 „против“ еден „воздржан“.
Програмата за тиквешкиот гроздобер ќе се разгледува на продолжение на 59-та седница закажано за 27 јули, бидејќи советниците од СДСМ побараа програмата пред советот да ја образложи фирмата која ќе ја реализира, а нивни претставници денеска немаше на седницата.
Градоначалникот, по барањето од опозицијата во советот за јавна дебата околу содржините на гроздоберот, ги повика кавадарчани кои имаат идеи и предлози за воведување на новини за гроздоберот да се сретнат со него и да се разговара за тоа.
Ангел Данов