Конечно започна стечајната постапка во кавадаречки „Фени“
Ќе се подготвуваат два плана за реорганизација на „Фени индустри“со кои комбинатот треба да излезе од финансиската криза. Еден ќе подготват банките а втор стечајниот управник. За тоа од стечајниот судија Валентина Михајловска добија четириесет и петдневен рок. И двата плана за реорганизација ќе ги разгледува и по нив ќе одлучува Одборот на доверители во чиј состав се наоѓаат претставници на Комерцијална и Стопанска банка, на скопски Раде Кончар, МЕПСО и Дирекцијата за големи даночни обврзници на УЈП. Одлуката беше донесена веднаш по неговото формирање и по одржување на извештајното собрание на кое беа утврдени побарувањата на доверителите.
Така ќе се решава состојбата во која сега се наоѓа комбинатот за производство на фероникел во кавадаречко Возарци. Денешните одлуки одат во насока на забрзување на решенијата смета претседателот на гранковиот синдикат Пеце Ристески.
Самата стечајна постапка во Фени се води поинаку од законските прописи. Работниците остануваат на работа иако Законот за стечај е прецизен и пропишува дека со денот на отворањето на стечајната постапка треба да им престане работниот однос. Меѓутоа поради специфичноста на производствениот капацитет и желбата брзо да се реши статусот сите доверители и работниците се договориле да се работи и да им се исплаќа плата во висина од 75 отсто и кога ништо не работат.
– И мислиме дека тоа што денеска се договори ќе го испочитуваат тие што ја превзедоа обврската и што им ја наметнаа доверителите. Паралелно со работењето на Фени под закуп ќе тече стечајната постапка онака како што сите посакуваме со вкупниот број на вработени, со солидни плати за брзо решавање на статусот на Фени индустри, рече Ристески.
Закупецот швајцарскиот „Фос асет“ менаџмент неможе да го преполови бројот на вработени бидејќи потпишал договор со кој се обврзал на работа да ги задржи сите работници и секој од нив на старото работно место затоа што фирмата е под име Фени индустри во стечај. Всушност тие извршуваат услуги на закупецот на комбинатот.
Со закупнината од 1.200.000,00 денари нема да се исплаќаат долговите на комбинатот кон доверителите.
-Не, на крајот ќе се сумираат сите работи. Што пари се собрале во стечајната маса, што понудил доверителот а факт е дека со нив треба да се реализира и стечајната постапка. Едно се трошоците што ќе ги покрива закупецот а самата стечајна постапка има куп други трошоци што мора да се покриваат како што се наградите за стечајниот управник, ангажирање на вешти лица, изработка на плановите. Ако останат средства тогаш ќе влезат во стачајната маса од која ќе можат да се обештетат доверителите, рече Ристески.
Сега се ќе зависи од работата на швајцарскиот „Фос асет“ менаџмент. Ако тој прави профит тогаш и работниците ќе треба да ги плаќа со полн износ на плата што ја земале пред отворање на стечајот конкретизираше претседателот на гранковиот синдикат.
Инаку на извештајното рочиште во неколку наврати фирмата Конико, која беше последен сопственик на Фени индустри се обидуваше да го одложи отворањето на стечајната постапка./У.Ј