Експресно исполнет лимитот за субвенции за грејни тела во Кавадарци
За само неколку часа по објавувањето на јавниот повик дека општината ќе субвенционира набавка на енергетски ефикасни грејни тела, кавадарачани го исполниле лимитот. До крајот на работното време, вчера до општинските служби биле доставени 103 барања за субвенции, потврдија од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
„Комисијата го разгледа бројот на апликации и утврдено е дека се пристигнати 103 барања и со тоа се надминува бројот на предвидени барања од поднесители во рамките на предвидениот буџет. Поради транспарентност и отчетност во работењето на Општина Кавадарци и поради големиот број на пристигнати барања при разгледување на барањата на следниот состанок на Комисијата доколку се констатира дека вработени во Локалната самоуправа и нивни членови од поблиското семејство , како и Советници во Совет на Општина Кавадарци и нивни членови на поблиското семејство имаат поднесено барање по Повикот, нивните барања нема да бидат разгледани“ велат од кабинетот на Јанчев.
Веќе за наредната седница на кавадаречкиот совет, поради големиот интерес, градоначалникот ќе предложел уште еден јавен повик за субвенционирање за купување енергетско ефикасни грејни тела./А.Д