Каменоломот во Превалец мора да прекине да работи, бараа граѓаните, екологистите и општината
Ставот на граѓаните, екологистите, Градоначалникот на Велес и општинската администрација кои се децидни дека Каменоломот во Превалец мора да запре да работи без дозвола повторно ги слушнаа само правниците на фирмата загадувач „Техно Павер“. Тие на Јавната расправа организирана од Општина Велес им дадоа можност да го презентираат проектот со кој бараат од министерството за заштита на животна средина да им даде А интегрирана дозвола за работа.
„Со добивањето на А интегрираната еколошка дозвола ќе се стави крај на повеќе децениското загадување на Велес и ќе се промени состојбата која беше наследена од минатото“ соопшти Виктор Јовановски, правниот застапник на „Техно павер“.
Фирмата го презентираше проектот за добивање на А интегрирана дозвола за работа пред граѓани од најблиските населби Превалец и Тунел. Јовановски тврдеше дека Каменоломот без дозвола не работи на што граѓаните жестоко реагираа.
-Кажувате дека не работи? Па утрово хидроварницата работеше. Не сте запознаени, па зошто испратиле луѓе што не се запознати, рече членот на Советот на Општина Велес и екологист д-р Ненад Коциќ.
-Во проектот има список на желби, затоа што нема податоци, што и кога, рок кога ќе се сработи. Тоа што е напишано се обични желби, рече Ангел Киров од Еколошко друштво „Вила Зора“.
-Барањето треба да покаже што се е направено а не да се добие А интегрирана дозвола за отпосле да се има рокови во 2019 или 20120 година за поставување на филтри, рече Билјана Шуркова Манаскова инспекторка за животна средина во општина Велес.
На Јавната расправа присуствуваше и претставник на Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање. Фатоа Салиу ги издава А интегрираните дозволи за работа на големите загадувачи. Тој ги уверуваше присутните граѓани и општинска администрација дека Каменоломот нема да добие дозвола ако не работи по закон.
-Се додека не се исполнат тие параметри, таму во таа фабрика, нема да се работи. Тоа ќе го направам со инспекторот, рече Салиу.
Сепак екологистите од „Вила Зора“ повторија дека Каменоломот мора да сопре со работа бидејќи проектот со кој „Техно Павер“ бара А интегрирана дозвола ќе мора да оди на експертиза за да не бараат правда во домашните и меѓународните судови.
Расправата не ја следеше и на неа не присуствуваше сопственикот на фирмата „Техно Павер“. Тој не ги слушна ни граѓаните ниту заклучоците на Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
-Уште сега да му се јавите на сопственикот и да му пренесете да ги запре сите процеси во фабриката. Доколку тоа не се случи ги замолувам преставниците од централната власт, од министерството, да им пренесат во Инспекторатот за животна средина да дојдат во ненајавена посета на Каменоломот. Доколку не превземете ништо ние се ќе направиме да запре производството, рече Коцевски.
Тој се закани дека ќе биде прв во живиот ѕид од граѓани со кој ќе се брани правото на чист воздух и здрава животна средина во населбите околу Каменоломот и во градот./У.Ј