Пред Нова Година ќе дознаеме како избега Груевски

Објавено на 13 декември, 2018 во 08:18

ruskovska fin

Основното јавно обвинителство најавува дека за две недели ќе ги добие првичните информации за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, а додека Министерството за правда го чека одговорот од барањето за екстрадиција, вчера Груевски беше снимен слободно се шета со свој возач во Будимпешта.

Обвинителката Вилма Рускоска вчера информираше дека во наредните две недели ќе излезат со информации за резултатите од предистражната постапка за бегството на Груевски и начинот на кој ја напуштил земјава.

– Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата завчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат – изјави Рускоска.

Таа најави и испрашување на лица кои се видени со Груевски на видеа или фотографии кои се објавени од Будимпешта како онаа на новинарот на британски „Гардијан“ од пред неколку дена на која е со советникот од Гази Баба, Александар Трајковски, кој зел боледување за да го посети Груевски.

Во врска со барањето за екстрадиција на Груевски, министерката за правда Рената Дескоска рече дека засега немаат ништо ново од Будимпешта но и дека роковите за одговор не се изминати.

– Ние сѐ уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак, оние пристојни рокови не се изминати. Ќе чекаме одредено време и доколку после тоа не добиеме одговор ќе испратиме ургенција – рече Дескоска.

Портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач, на прес-конференција во Брисел повтори дека сите процедури околу азилот на експремиерот Груевски се во согласност со меѓународното право и правила. Тој рече дека Груевски добил „фер процес“ како било кој друг кој побарал азил во Унгарија. Според него, неговата земја ги следела сите меѓународни правила во согласност со меѓународните стандарди.
Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран во Македонија.

Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.

Тој пред еден месец избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Извор: МИА

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.