Велешанката Дерманџиева е во опасност од премрзнување на студот
Студ, темнина и жед се првите три работи на кои ќе помислите штом влезете во домот на педесет и шест годишната Велешанка Димитрула Дерманџиева кој се наоѓа на ул: „Киро Ќучук“ број 61. Студот е последица на затоплувањето на домот кое жената го постигнува единствено со собраните гранки низ улиците и парковите во Велес. Темно е затоа што одамна е исклучен струјомерот, поради неплатени сметки, а жедтта е последица што како неплаќач е извршено исклучување и од градскиот водоводен систем. На прашањето зошто не ги плаќа редовно сметките и се добела во вака лоша состојба на живот Димитрула одговори:
– Парите што ги добивам од социјалното не ми стигнуваат да се прехранам, сакам но немам од каде да платам.
Единствено што функционира во домот на оваа Велешанка е часовникот. На светлината што ја постигнуваа трите запалени свеќи, доцна попладнево, забалежливо исправен сувенир во едно мало собче беше телевизорот. И тој не работи, но неговата сопственичка вели дека е исправен. Нередот пак што го има насекаде низ домот укажува на потребата од живот на Дерманџиева во многу похумани услови од овие на фотографиите.
-Не сакам да живеам надвор од Велес. Сакам тука во градот. Ми треба помош бидејќи немам дрва, храна и облека, рече Димитрула.
Таа воопшто не спомна дека и се потребни и ќебиња, јорган, перници или потопли покривачи за да се спаси од премрзнување особено од попладнево кога повторно паѓа снег и температурата е веќе под нулата. Веројатно и не помислува на топла бања и капење, како и на чиста облека. Димитрула не го забележува ниту останатиот неред во трособната куќа што ја наследила од своите родители. Скромно рече дека има сестра во чиј дом, поради зголемување на бројот на членовите на семејството , не може да се надева на живот со нив.
Но, очигледно е дека на Дерманџиева и е потребен старател. Без него таа тешко ќе може да се справи со сите животни потреби. Она што прво за неа треба да се стори е згрижување во похумани услови и институционална како и граѓанска помош, рекоа од Општина Велес.
– Како Општина веднаш побаравме помош од Црвен Крст и договоривме да и биде однесена помош во храна, облека и покривачи. Ќе побараме помош во дрва од ШС „Бабуна“. За фактичката состојба на Дерманџиева пријавивме во Центарот за социјални работи во Велес бидејќи друга надлежност како општина немаме. Ќе ја мобилизираме заедницата да помогне, рече Јадранка Стефкова од Општина Велес.
Дума.мк веќе побара став и од Министерството за труд и социјални работи за случајот Димитрула Дерманџиева. До моментот на објавување на текстот став не добивме. Затоа до вас, кој ќе го прочитате текстот вечерва кога се очекува температурата да падне неколку степени под нулата, ако ве поттикне да помислите на оваа неухранета и нестоплена Велешанка, очекувам да размислите како можете да ја покажете својата човечка особина на добронамерност.
Убавка Јаневска