Изложба „Кумановски графичари 2018“ во Ликовен салон во Велес
Од 13 графики на исто толку уметници е составена изложбата „Кумановски графичари 2018 година што синоќа, среда 13 март, беше отворена во Ликовниот салон во Велес. Делата се дел од опусот од осмото издание на веќе традиционалната изложба во организација на НУ„Трајко Прокопиев“ од Куманово. Станува збор за дела кои се дел од проект со стремеж да овозможи континуитет во презентирањето на најновото графичко творештво во Куманово.
– Една од карактеристиките на оваа изложба, според зборовите на организаторот и координаторот, е можноста што за првпат се вклучени студенти на крајот од студиите и кои со своите дела нудат интересни уметнички изрази и решенија. Проектот содржи 27 графички листови работени во повеќе графички техники во изминатите неколку години. Овие 13 уметнички дела се на автори кои се репрезенти на оваа изложба, рече директорката на Локалната Установа Народен музеј Велес, Анита Василкова Мидоска.
На овој начин публиката има можност да се запознае со реномираните уметници, но и оние што допрва доаѓаат и се „кумановската графичка иднина“.
-Учеството на овие 13 автори се репрезент на моменталната состојба во графичкото творештво на локално, кумановско ниво, овозможува широк дијапазон на различни приоди кон овој сегмент на ликовниот израз и токму оваа различност и дава динамика, разиграност и варијабилност на целата концепција на изложбата. Несомнено, во своите дела секој уметник поаѓа од сопствената инспирација преточена во сопствениот и личен ликовен ракопис. Во својата креативна патека во создавањето на делото секој од уметниците применува различни техники отворајќи една широка лепеза која поаѓа од класичните графички техники а која ја заокружува дигиталната технологија односно компјутерската графика која во дигиталното современие зема се поголем замав и тренд кој впрочем постепено зазема приоритетно место особено во оваа сфера на уметноста. Во однос на мотивите несомнено преовладува аптратктниот израз иако има и препознатливи реалистични мотиви, понекогаш нагласени со моќта на црно-белата концепција, понекогаш нагласени со јачината на полихроматскиот израз, а понекогаш со едноставноста и стилизираноста која овозможува сопствено толкување и перцепција на гледачот, додаде Василкова Мидовска.
Изложбената постановка во Ликовниот салон во Велес е составена од дела на авторите Зоран Јакимовски, Мирослава Цветковиќ, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Милена Арсовска, Валентина Илијевска, Наим Идризи, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Елеонора Накевска, Сандра Симоновска, Марио Стошевски и Дејвид Стоилковски./У.Ј