Плоча со изгравиран цвет или можеби некој за нас непознат симбол на велешка улица
Чудна е оваа наша Македонија. На секоја педа има историја. Нашите претци ни оставиле докази. Коренот да не ни се заборави. На секој храм, на секој гроб, на секоја куќа, двор, улица го оставале и животот и времето кое го живееле. Затоа оваа наша Македонија е полна со историја и затоа не само наши туку и странски археолози, историчари, туристи и кој ли уште не, доаѓаат и се восхитуваат. Многу од таа историја и денес е зачувана и позната.
Но, има уште многу закопана, украдена и однесена од окупаторите, од злобниците кои сакале и сакаат да се китат со туѓа историја и култура. Таа историја и денес е далеку од местото од каде што треба да биде. Но, немал број историски вистини, од невнимание, од незнаење, се вградени во куќи и други објекти.
Деновиве минувајќи по улицата „Кирил и Методиј“, која од „Маалска“ го поврзува Велес со „Мегдан“ и се искачува до соборниот преубав храм „Свети Пантелејмон“, забележав, до влезната врата, на една стара куќа , со број дваесет, вградена мермерна плоча.На плочата гордо стои изгравиран прекрасен цвет или можеби некој за нас непознат симбол. Домаќинот, пред многу, многу, години, намерно или од незнаење, ја вградил мермерната плоча на ѕидот, веднаш до портата. За жал во куќата немаше никој. Не можевме да го дознаеме името на сопственикот. Немаше никој да ни каже колку е стара куќата?. Кој ја градел и дали мермерната плоча намерно или случајно е вградена ?. Убаво се гледа дека не еднаш туку повеќе пати плочата, заедно со ѕидот, вредните домаќини ги варосувале. И додека варта останала на камењата, од плочата и убавиот цвет паднал. Дали овој споменик сака на виделина да ни ја каже историјата? Незнам. Но верувам дека оваа мермерна плоча ќе го привлече вниманието на археолозите.Стои вградена во ѕидот мермерната плоча со својот прекрасен изгравиран цвет и како да сака да ни каже дека ете и таа е дел од нашата богата историја.
Колку вакви корени од нашето постоење сеуште стојат закопани во земја, вгадени во нечии куќи или својата историја, својата убавина ја кријат под некогаш надалеку познатата велешка калдрма. Да не заборавиме. Длабок, многу длабок е коренот на оваа наша Македонија. Да го чуваме зашто тој е нашиот корен и нашето постоење. /С.А