Креативната велешанка Смиљка Крстевска со децении ниже „гердани од денови“
По ставањето на катанецот на влезната капија на велешка „Порцеланка“ велешанката Смиљка Крстевска дел од својот работен век го посвети токму на изборот на решение за лична самореализација. Тоа што во одреден, краток дел на работата, во декоративното одделение на оваа македонска фабрика за производство на порцелан, ја имала можноста во раце да ја држи четката со којашто прецизно се украсуваа порцеланските производи се чини дека потајно ја поттикнале желбата кај оваа сограѓанка да и дозволи на сопствената креативност да избликне токму преку создавање на ракотворби. Крстевска скромно одговораше на прашањата на Дума.мк за почетоците, за периодот кога по затворањето на фабриката го барала начинот за себереализација, за поддршката од сопругот и нивната заедничка работа на фотокерамика како и за поттикот и особено поддршката од двете ќерки, како делчиња од креативниот мозаик што е составен дел на животот на оваа креативна жена.
Сега кога на својата фејсбук страна Smiljka art ги гледате нејзините рачни изработки составени од накит, што не го носат само велешанки или модни додатоци што на себе ги имаат припадниците на појакиот пол, потоа сувенири, магнети и друг вид на креативни производи Крстевска повторно скромно ќе ви рече дека работи во слободното време затоа што сака на сопствената креативност да и даде поголема форма и поширока димензија.
– Работата во познатата фабрика на просторите на поранешната држава, Југославија, можеби беше личен мотив во идејата за моето креативно изразување. Но моите почетоци јас ги поврзувам со процесот на работа со глинамол, со сите негови карактеристики од кои најмногу пластичноста, којашто овозможува лесна обработка, овозможи да создавам најразлични форми на накит. Потоа производите ги доработував преку боење,цртање и лакирање. Тоа некако го поврзувам со моите почетоци како и со големата желба да работиме со сопругот на создавање на услови за започнување на семеен бизниз. Додека бев невработена конкурирав во Агенцијата за вработување за добивање грант со цел да ја комплетираме потребната опрема за нашето семејно претпријатие. Но ако од една страна не ја добивме потребната поддршка од друга страна тоа не беше посилно од мојата љубов да продолжам да бидам инспиративна личност и да се изразувам на мој креативен начин, рече Крстевска.
Таа открива како пред пет години нејзиното долгододишно ракотворење било препознаено од граѓанска организација во Велес, во проект, во којшто, токму највредното и макотрпно создавано творештво од женските раце, добило шанса за едукација, за усовршување, за црпење на нови искуства, на нови вештини и стекнување на нови добри практики. Тоа на Крстевска и дало поголем поттик и елан за создавање на уште поголем број на креативни рачни изработки.
-Имав можност да влезам во група на 55 жени од градови на Вардарски регион преку проект на Фондација „Фокус“ за економско зајакнување на жените. Тој проект ми овозможи да следам обуки и во исто време да создавам рачни изработки. Со нас работеа менторки и ментори, дел од нив дојдоа и од Љубљана, со цел да не обучат или да ни пренесат знаења и вештини што се лесно применливи. Тоа беше неверојатно искуство за мене. Стекнав вештини за кои претходно не бев размислувала. На пример започнав да содавам накит со примена на техники за коишто претходно, да бидам искрена, за дел само слушав во разговорите што меѓу себе ги водеа моите ќерки. Но таму, во „Фокус“, во нивната „Креативна работилница“ жените добиваа во исто време бесплатни обуки и можност стекнатите вештини да ги покажат преку изработка на рачно изработени гердани, обетки, брезлетни, брошеви итн. Исто така и меѓусебно да разговараат, да споделуваат идеи, да ги надополнуваат со лични сугестии но со единствена цел секоја од нас, од тие 55 жени, да го создаде најубавиот накит, најдобриот сувенир, највпечатливиот производ од рециклиран материјал и слично. Тоа за мене преставуваше одлична можност да го сменам или надградам начинот и материјалите во креативното творење, додаде Крстевска.
Раскажувајќи за секојдневните инспирирации, за мотивите што ги користи и видот на материјалите што ги избира Крстевска ни откри дека таа е вљубеник во поезијата на Коста Рацин. И како, токму неговите зборови, тие од кои е создадена песната „Денови“ ја поттикнуваат на творење во слободното време, сега, кога ги живее пензионерските денови.
-,,Нижи си гердан денови” е многу силен стих од нашиот великан Рацин. Мислам дека него секој велешанец , го носи во себе, на свој начин. Рацин, мене лично ме понесе во една виделина што избликнуваше од мене токму преку секој нанижан гердан, создаден со примена на разни техники, од разни видови на материјали. Со ,,Нижење гердани на денови” започнав пред многу години, пред повеќе децении, кога сакајќи да помогнам успешно да заврши домашна задача на еден ученик, мој роднина, тој за однесениот гердан во училиште беше пофален од наставникот по ликовно образование. И не само тоа туку нанижаниот гердан стана дел од одлично изработена ученичка колекција на училиштето. Таа и многу други слични креативни изработки ми се особено драги и се мојот поттик за создавање „гердани од денови“ до ден денес, кога скоро една година сум пензионер, рече Крстевска.
Додека твори, оваа креативна жена не се ограничува со време, простор и материјали. За неа тоа е процес што трае во зависност од инспирацијата.
-Кретивноста ми е посебен момент. Некогаш не успевам да се координирам со се околу мене и ми се случува тоа да биде етапно,а всушност и скоро сите мои изработки така го добиваат својот завршен лик. Затоа не би можела да дадам прецизно време на изработката. Работам со полимерна глина, која се измесува до мекост што дозволува правење на најразлични форми на накит, кој потоа го печам на одредена температура. Следува процесот на склопување на парчето рачна изработка. Создадениот накит потребно е добро да се фотографира. Тоа е примарно за да го најде патот и да стигне до купувачот. Додека работев со глинамол имав поширака палета и на магнети кои најчесто беа со мотиви од градовите низ нашата убава Македонија. На некои им се радуваа дечиња, бидејќи им го пишуваше нивното име. Дел од нив и денес се нетрпеливи што поскоро да стигне, 19 декември, како некој датум кога во домовите се китат новогодишните елки. Тогаш меѓу лампионите да го закачат и украсот на кој го пишува нивното име. Ќе додадам дека особено ми причинувало големо задоволство, кога некој мој близок ќе покаже почит кон моја рачна изработка, токму мој накит ќе подари или ќе го добие како подарок, додаде Крстевска.
За неа освен големата љубов и инспирацијата во креативниот начин на ракотворење потребни се уште доброто рекламирање и секако обезбедувањето на сигурниот пласман на пазародите. Г-ѓа Крстевска овие две суштествени работи ги констатира како нужна потреба на сите креативни жени кои се реализираат преку рачни изработки .
-Имам учествувано на неколку базари во Скопје и неколку организирани токму од Фондација „Фокус“. Имам и фејзбук профил со име Smiljka art на кои се изложени моите производи. Но очигледно дека тоа не е доволно. Затоа очекувам и верувам дека ќе се случат промени и понуди во подобрување на пласманот не само на моите туку на рачните изработки на моите пријателки од групата „Креативки“ како и на сите ракотворци во градот и во државата, рече Крстевска.
Таа своите вештини, умешност како и стекнато искуство за изработка на ракотворби би сакала да го пренесе на заинтересирани сограѓанки, особено на помлади, доколку кај нив постои желба и интерес . За да ја оствари оваа цел сепак преферира во градот да се размисли за простор и за поддршка како што таа ја добила во проектот на Фондација „Фокус“.
Божана Ќулафкова