По Сардинија, драмското студио „Словото“, пред нови фестивали и европски покани од италијанското вмрежување
Гостувањето на Драмското студио „Словото“ на Фестивалот во Сасари на италијанскиот остров Сардинија му овозможи вмрежување во повеќе европски културни мрежи. Тоа е бенефит од учеството и излегувањето на младите велешки театарски таленти надвор од Македонија. Овој фестивал освен што петнаесет дена во годината им нуди можност на талентираните ентузијасти да ја почувствуваат италијанската култура, традиција и театар исто така ги вкучува во европски проект со чија реализација граѓаните на Сардинија запознаваат туѓи култури и традиции.
Од денешна гледна точка анализата на актерката и режисерка на театарските престави со кои драмското студио „Словото“ настапува, Весна Димитрова Бобевски покажува колку е едноставно да бидеш присутен на големи, европски афирмирани случувања и покрај тоа што во Македонија на пример е тешко да обезбедиш средстава за да платиш авионски билети и да стигнеш до случувањата.
– Не можевме да отидеме сите на фестивалот, наместо за осум ние обезбедивме пари за четири учесници во перформансот. Одлучив да им ги прикажеме нашите обичаи поврзани со празнувањето на Игнат, кога на прагот од семејната куќа застануваат децата за да бидат потегнати за уши според верувањето да раснат како што расне денот онолку колку што ќе скокне петелот на буниште. Перформансот овозможи да интерпретираме повеќе досетки. Продолживме со начинот на празнување на Коледе, па Оптири лајлам, што се случува само во Велес, па Бадник кога присутните беа воодушевени од амкањето на јајцето. Тука имаше исклучителен интерес од доброволците од публика кои пробаа и додадоа комични елементи. Всушност перформансот започна со неколку спотови за Македонија за да може публиката да види за која земја станува збор, од каде тоа ние доаѓаме а заврши со Галичка свадба што придонесе возвишено чувство на публиката. Уште таму, по тој настап почувствував дека многумина отворија на интернет и пребараа па видоа за која земја станува збор, рече Димитрова Бобевска.
Особено е интересно да се слушнат и мислењата на младите талентирани актери учесници на Фестивалот Марија Панзова, Дамјан Поптодоров, Андријан Ѓорѓиев и Емилија Алексовска кои се членови на драмското студио „Словото“.
– Да се претставува сопствената држава и нејзината традиција на Интернационален фестивал за нас, како млади актери-аматери беше од големо значење. Нашата претстава беше добро прифатена и со голема заинтересираност следена. Но, овој фестивал имаше и едукативен дел на кој научивме како треба да си го слушаме сопственото тело и да дејствуваме според инструкциите кои телото нам ни ги дава. Недоволното познавање на јазикот не беше пречка за да реализираме добра претстава за неколку дена. Исполнети од успехот кој го постигнавме продолжуваме да работиме на нови проекти и да се трудиме да оставиме свој печат во нашата држава, рече Панзова.
– Ме водушеви играта на актерите, уште одма од старт почнуваат со огромна енергија и видов дека се многу талентирани актери. Ми се допадна речиси се на фестивалот, и би сакал повторно да дојдам, не за неколку години, туку уште следната година. Бев пресреќен што публиката одлично ја прифати нашата претстава а и искуството што го стекнав учествувајќи во европскиот проект се од огромно значење за мене а и како доживување многу посебно, рече Дамјан Поптодоров.
– Незнам што попрво да издвојам, бев целосно фасцинирана од сето доживеано. Се пронајдов себеси во се таму и во играта и песната во европскиот проект „Еден остров само за мене“ и во прекрасното дружење вон проектот. Играта на плоштадот пред сите тие слободни минувачи, пеењето на нивните преубави песни, играњето на нивните танци а и посебно ме допре кога публиката после нашата претстава се качи на сцената да го играат заедно со нас нашето „право“ оро. Могу, многу, вредно патување, рече Емилија Алексовска.
– Од каде да почнам, од храната ли која што секој ден беше со различни специјалитети и превкусна? Од тие топли луѓе прекрасни домаќини? Од талентираните актери? Од честа да спиеме во хотелот на Грација Деледа? Од доживеаните овации? Ова беше непроценливо искуство, рече Андријан Ѓорѓиев.
И не само тие туку и можноста на Димитрова Бобевски да настапи во претставата „Грација Деледа“ со колеги од Италија и уште неколку други европски земји.
– Мене и на останатите актери текстот ни беше испратен два месеца претходно. Таму директно стартувавме со проби. Грација Деледа е поетеса од Сасари која на седумнаесет години добила Нобелова награда за поезија. Сардинците почнаа да ми објаснуваат како тамошните жени порано учеле само четири години на училиште за да бидат домаќинки а не продуховени. Но Грација била од богато семејство заедно со уште пет браќа и сестри. Таа се заљубила во момче од Рим кое дошло на островот поради трговија со својот татко. Во тоа време Грација сите свои љубовни писма ги испратила во списанието „Нова мода“. Со тоа предизвикала хаос на островот поради таквото однесување. И покрај се таа продолжила да пркоси на времето со тоа што почнала да пишува поезија потоа литературно да се надградува по што напишала збирка со поезија која всушност и ја донела Нобеловата награда. Се ова се случува пред 91 година. Една година подоцна, значи на 18 години се омажила и заминала за Рим поради ограничувањето што страшно ја задушувало. Јас во претставата ја играв мајката на Грација, Франческа Деледа и многу бев почестена со улогата, рече Димитровска.
Таа, како интересен момент го спомна хотелот кој до денеска го носи името на Грација Деледа затоа што тој бил изграден од парите што таа ги добила од Нобеловата награда. Во него било сместено драмското студио „Словото“ во четиридневниот престој во Сасари и учеството на Фестивалот.
– Пред да се одржи премиерата дојдоа професори од Универзитетот во Рим и заедно со колегите од Универзитетот во Сасари одржаа научна конференција за Грација Деледа. Потоа се случи премиерата на претставата на плоштадот пред голем број на поканети гости, уметници, режисери, актери, градоначалникот што за мене и за членовите на студиото кои исто така беа вклучени во претставата беше ново доживување. Ке издвојам дека од колегите од Италија научив како од старт се влегува со огромна енергија во претставата како што тие ми велеа дека од мене научиле колку е значајна драматиката. Им благодарам на зборовите со кои ме опишуваа како голема актерка од Македонија, иако нели сега и изгледа нескромно што го кажувам, рече Димитровска.
Сега „Словото“ очекува понуди за учества во други европски проекти на Фестивали кои се дел од оваа мрежа./У.Ј