Прикажана претставата „Ардалион“ на Ервенскиот Државен Театар на Пантомима на 17 ИФАД „Стоби“
Претставата „Ардалион“ во режија на Жираир Дадасјан на Ереванскиот Државен Театар на Пантомимата од Ерменија беше прикажана во неделата на 22 јули на програмата на 17 Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“. Публиката во амфитеатарот на античкиот локалитет остана без зборови исто како што актерите без ниту еден изговорен збор одиграа театарска претстава во која ја користеа пантомимата како специфичен театарски израз.
Шестмина актери низ сценски движења ја оживеаја приказната за ширењето на христијанството на почетокот на 4-тиот век и судбината на Ардалион кој од критичар на христијанството станува светец.
Бројната публика во Стоби ги награди со заслужен аплауз за прикажаното што како театарски израз ретко се гледа на нашите простори. Ереванскиот државен театар на пантомимата во Ерменија привлекува околу 10.000 гледачи годишно и досега настапувал во над 25 земји во светот. Претставата „Ардалион“ е во официјална конкуренција за награди.
Фестивалот на античка драма „Стоби“ во организација на Општина Велес продолжува со претстава „Кралските Копилиња“ на авторот Сашо Димовски, во режија на сценски движења на Васил Зафирчев. Поради специфичните технички барања, претставата ќе биде одиграна во Народниот театар „ЈХК“ –Џинот, во четврток, на 26 јули годинава, со почеток во 21 часот./У.Ј