Промоција: „Мартин Крпан – Дипломат и воин“ на словенечкиот Aмбасадор Милан Јазбец
Вечер посветена на јунак дамна роден, во средината на 19 век, не обичен јунак за кој раскажуваат генерации на читатели низ времето туку за единствениот Мартин Крпан, националниот словенечки јунак кој е императив за сила, остроумност, снаодливост, итрина, многу повеќе од се и најзнајно е поседувањето чудесна моќ што тој умее да ги спои навидум неспоивото со дипломатија и воинство. Се одржа во Велес каде беше промовирана книгата „Мартин Крпан – Дипломат и воин“,на авторот проф. д-р Милан Јазбец, Амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија.
– Моќ скриена и таена, длабоко во неговиот лик, ни ја открива единствениот Милан Јазбец – дипломат од кариера, писател и поет, но пред се човек кој раснел со ликот и митот за Мартин Крпан. Сите сме почестени што имаме можност да се дружиме со творештвото на еден ваков гениј како што е амбасадорот Јазбец. Реков, Амбасадорот во оваа книга го спои неспоивото. Дипломатот има само зборови на располагање, воинот арсенал оружје. Дипломатот со зборови мора да извојува победа и затоа можеби се гледа успехот, им е повеќе на дофат на раката, исто онака како што Крале Марко го прави тоа со боздоганот или Итар Пејо со зборовите. Милан Јазбец создава еден вид духовен мозаик, полн со живот и со прифатливи поетски пораки, рече актерката и режисерка Весна Димитрова Бобевски, организатор на промоцијата.
Книгата „Мартин Крпан – Дипломат и воин“ го носи читателот низ времето, покажувајќи му ги сите убавини, предности и слабости. Дава предзнаење за тоа што следува и отвора прашања чии одговори остава простор сами да ги изградиме како и свој став, рече додека ја преставуваше книгата пред присутните шеснаестгодишниот ученик Марко Инѓилизов од Драмското студио „Словото“.
– Главниот домен во книгата е виртуозната компарација. Сите воведени термини се поткрепени со вистински примери од дејствувањето на Крпан. Би бил искрен ако кажам дека оваа книга и слични на неа преставуваат вистински почеток за секој млад, иден дипломат. Одблиску го запознаваат колку е важен целокупниот внатрешен но и надворешен изглед. Протокол, ласкање, преговори, ладнокрвност, снаодливост, вештина, планирање, употреба на помагала, мудрост, паметење, претпазливост, храброст, такт, посредност, непосредност, резервираност, опуштеност, љубезност со став, реалност соодветна на државничкиот став. Ова е основен пакет за еден извонреден, не би рекол само дипломат туку и стратег во вистинска смисла на зборот. Треба да бидеме свесни дека времето кога Мартин Крпан го градел својот живот и дело со денешното се апсолутно неспоредливи. Но, истовремено, денеска ретки се оние дипломати кои ги поседуваат квалитетите на Мартин Крпан. Тоа говори за неговата безвременост и неговата клучна позиционираност не само во словенечката туку и во пошироката историја. Оваа книга истовремено говори за тоа колку и да си добар и квалитетен патот е секогаш трнлив но, на крајот од денот успехот е загарантиран. Никој успешен не се родил, туку станал успешен. Повеќе добро познати личности својот животен пат почнале да го градат од малку, некој од ништо друго туку од надеж и силна верба за подобро утре. Мартин Крпан е фигура која зборовите ги претвора во умешност, додаде Инѓилизов.
Тој притоа искрено соопшти дека откако ја прочитал книгата сериозно размислува дали ќе го продолжи образованието на правни науки определувајќи се за судија кривичар или пак ќе запише дипломатија.
– Спој на дипломатија и воинство. Иако се неспоиви работи јас топло препорачувам книгата да се прочита и не еднаш туку да се има во домашната библиотека за да се препрочитува. Мене додека ја читав ме врати на возраста на која сега е Марко и ќе кажам дека е одлична за професијата која јас ја работам поточно безбедноста на армијата, рече Гоце Анакиевски, доктор на науки по безбедност.
Велејќи дека не е прв пат во Велес и особено заблагодарувајќи им се на велешани за добиеното Почесно Рациново признание за 2019 година, проф. д-р Милан Јазбец, на промоцијата соопшти дека се чувствува почестено кога слуша дека токму неговата книга е креативна инспирација за млади луѓе.
– Тоа е она што секој човек најмногу би можел да го посака додека гради кариера да инспирира млади луѓе. Ако тоа се постигне, јас мислам дека нема поголемо задоволство, поголеми амбиции и повисоки цели. Тоа веројатно е највисоката цел на нашиот живот. Мојата книга „Мартин Крпан – Дипломат и воин“ ја напишав пред десет години и досега е преведена на македонски, албански и руски јазик. Сега се преведува на јапонски јазик. Книгата даде голем придонес за развој на словенечката дипломатија. Сакам да го спомнам и следново, еден мој македонски колега од времето на југословенската дипломатија, професор и дипломат Данчо Марковски, напиша четири книги за дипломатија на македонски јазик. Тоа е значајно, дека ние за нашите држави кои се млади, пишуваме книги за дипломатија притоа нашите држави, нашите јазици ги преставуваме еднакво добро како и државите Велика Британија, Германија или Франција. И тоа е значајно за нашиот суверенитет и постоење, рече проф. д-р Јазбец.
Домаќин на промоцијата беше ООУ „Блаже Конески“ во чиј поливалентен простор членовите на Драмското студио „Словото“ изведоа перформанс работен по поезијата од книгата „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ исто така напишана од проф. д-р Милан Јазбец.
Инаку проф. д-р Милан Јазбец е шести амбасадор на Република Словенија во Република Северна Македонија . Истовремено е и редовен професор по дипломатија на Универзитетот во Љубљана како и на постдипломските студии за државни и европски студии во Крањ . Тој е автор, коавтор, уредник и коуредник на 36 книги, објавени на шест јазици, една третина од нив од областа на дипломатијата, како и на повеќе од сто статии од областа на дипломатијата, безбедноста и одбраната. Својот докторат го завршил на Универзитетот во Клагенфурт. Завршил дипломатско училиште во Белград , а дипломирал новинарство и одбрана на Факултетот за општествени науки во Љубљана.
Има долга и истакната кариера во областа на дипломатијата, бизнисот, новинарството и политиката. Предавал на разни универзитети, како што се Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, на Дипломатската академија во Виена, и во Турција на универзитетите „Билкент“, „МЕТУ“ и „Анкара“.
Член е на Словенечкото друштво за меѓународни односи и на Словенечкото друштво за политички науки, како и меѓународен уредник на списанието „Европска перспектива“. Во март 2005 година добил високото австриско државно одликување, „Голема ѕвезда на Орденот за заслуги на Република Австрија“. Пишува месечен блог за дипломатија за „Дипло“. /У.Ј