Започнаа „57-те Рацинови средби“ во Велес
25.09.2020
За прв Програмата на поетската манифестација започнува со Меѓународна конференција во чии рамки првата сесија што се одржа во Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ беше посветена на „Седумдесет и пет години современ македонски јазик, азбука и правопис“.
Потоа се одржа и промоцијата на „Собрани драми“ од Горан Стефановски во издание на „Полица“.
На втората сесија лингвистите говореа за „Јазикот и стилот во творештвото на Горан Стефановски“. По што следеше промоција на зборниците од меѓународните научни конференции одржани во рамките на Рациновите средби. Нивен промотор беше професор Људмил Спасов.
Организатор на настаните беше Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот за македонски јазик при Владата и Општина Велес како организатор на Рациновите средби.
Традиционалното положување цвеќе на спомениците на Рацин е поместено за денеска попладне во 17 часот, а ќе се одржи и Поетски перформанс со настап на членови на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.
Годишните лауреати на манифестацијата традиционално засадија садници во „Шумата на Рацин“ покрај скалите на културниот споменик Спомен костурницата од НОВ. Во него заедно со соборците од 1979 година почива и Коста Солев Рацин.
Свеченото отворање на „57 Рацинови средби“ е закажано за вечерва во 18:30 во Амфитеатарот на Младинскиот парк, каде традиционалната „Беседа за Рацин“ годинава ќе ја одржи професорот Васил Тоциновски.
Потоа ќе се одржи Меѓународниот поетски митинг.
Програмата во првиот ден од годинешното одржување на манифестацијата ќе ја затвори групата „Синтезис“ со концерт на сцената во амфитеатарот на Младинскиот парк.
Организаторите ги спроведуваат настаните според протоколи за заштита од Ковид-19./У.Ј