Се истражува Акрополата на археолошкиот локалитет Кале во Велес
При крај се истражувањата на археолошкиот локалитет Кале во Велес за годинава, финансирани од министерството за култура. Во текот на изминатите месеци археолозите работеа на јужниот дел на акрополата , а сега се истражува нејзината источна половина. Со досегашните истражувања откриени се делови од објекти лоцирани непосредно до источниот одбранбен бедем кои според археологот Анита Василкова Мидоска веројатно имале воено-логистичка намена имајќи ја во предвид функцијата на акрополата во средновековниот период.
„Тоа значи дека во моментов се открива средновековниот слој на градот односно периодот 12-14 век н.е. Со овие истражувања ќе биде откриен поголем дел од јужната половина од акрополата и ќе се овозможи подобар увид во овој дел од локалитетот. Од движен археолошки материјал досега се пронајдени керамички садови за секојдневна употреба. Со понатамошните истражувања планирано е да се направат неколку контролни сонди кои ќе дадат податоци за хронологијата на егзистирањето на локалитетот“, рече м-р Василкова Мидоска.
Средновековната населба се состоела од воена тврдина лоцирана на акрополата и токму затоа е атрактивна за истражување, вели Мидоска. Таа е највисоката точка на населбата наречена уште Горен Град кој со своите одбранбени бедеми претставувала последно прибежиште на населението во несигурните времиња.
Според Мидоска овие податоци во иднина ќе послужат како солидна основа за истражување и презентирање на развојот на населбата но истовремено и како подлога за популаризација на културното наследство на Велес.
Локалитетот Кале одамна се истражува во сегменти. Според позицијата населбата имала стратешко значење низ целиот период на егзистирање се до крајот на 14 век пред новата ера затоа што ја контролирала Вардарската магистрала./Д.С