Владимир Темков – Три децении дружење со сликарството!
На јубилејот 30 години творештво ликовниот ументик Владимир Темков издаде монографија. Таа ги содржи неговите дела, како и осврти за работа во изминатите 3 децении. Владимир Темков е директор на Домот на културата „Иван Мазов Климе“, но љубовта кон ликовната уметност никогаш не го напуштила.
Желбата да твори е негов сопатник, а идеите лесно ги пренесува на платно. Создава дела кои ги обожуваат вљубениците во ликовната уметност.
За авторот на монографијата, професор д-р Кирил Темков вели дека сликарството е првата љубов на Владимир.
„Тој постојано создава слики, кои веќе од неговата младост се отсликуваат со персоналитет и творечка автентичност. Истовремено, тој постојано и изложува, така што секогаш ги става на увид на љубителите и граѓаните своите најнови трудови, плодот на неговата доживелица, имагинација и растечка вештина. Во сликарството Темков е модернист, кому му се блиски слободните форми, живата експресија поврзана со внатрешните динамични процеси, храброто решавање на предизвиците пред духот, настојувањата со богатиот, често со неочекуваниот колорит да ги надополни вештите креации на мајсторскиот цртеж“ пишува проф д-р Кирил Темков.
Монографијата е проект финансиски подржан од Министерството за култура, локалната самоуправа Кавадарци и Домот на културата.
Темков вели дека оваа монографија е премногу интимна, ја посветува на неговото семејство, сопругата Лидија, ќерката Мишела и синот Сашко, во знак на благодарност за несебичната и сестрана подршка кон неговото творештво.
„Уметноста има свои особености во споредба со науката, таа го репродуцира животот. Повеќегодишното испитување на цртежот како ликовна дисциплина, ме доведе до сознание дека е неисцрплива можноста за создавање на најразлични композиции. Бојата како ликовно средство ја користам за да ја изразам разликата на интензитетот на линијата“ рече Владимир Темков./ А.Д