Аденауер – Де Гол: Градители на француско-германското пријателство!
Изложба на фотографии и текстови од градителите на француско-германското пријателство Аденауер и Де Гол денеска беше отворена во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, како дел од богатата програма со која општината се вклучи во одбележување на денот на Европа, а по повод 50 годишнината од Елисејскиот договор за пријателство помеѓу Германија и Франција.
Изложбата на преку дваесет поставени паноа, ги проследува животите на двајцата државници и раѓањето на првото француско-германско пријателство. Изложбата е на Фондацијата на сојузниот канцелар Аденауер и на Фондацијата Шарл Де Гол, а во Кавадарци и Македонија ја презентираат амбасадите на Германија и Франција и Францускиот институт во Скопје, а на отворањето на изложбата беа присутни и амбасадорките на Германија Гудрун Штајнакер и на Франција Лоренс Ауер.
Пред 50 години, на 22 јануари 1963 година помеѓу канцеларот Аденауер и генералот Де Гол е склучен Елисејскиот договор. Со потпишувањето на овој договор тогашната Сојузна Република Германија и Република Франција го затворија поглавјето на германско-француското заколнато непријателство, а отворија ново поглавје на посебно пријателство и соработка кое трае веќе 50 години. Со тоа започна една извонредна билатерална соработка помеѓу двете држави, практично во сите области Елисејскиот договор се спроведува преку редовни средби на владино ниво, но и на ниво на администрациите на двете земји, кои редовно применуваат обострана размена на државни службеници и воспоставија меѓуминистерска комисија за соработка. Постојат голем број на збратимени градови, а во тие рамки и соработка меѓу граѓанско-општествените организации./ A.Д