Претставата „Борба со мечка“ на Австралиско – македонскиот театар прикажана во Велес
Низ монолози и дијалози ја раскажаа приказната за борбата со болеста на 21 век, канцерот, на двајца современи мажи. Се обидоа на сериозната тема да и дадат драматичен но во исто време и комичен пристап. Траумата и борбата на двата главни лика во претставата „Борба со мечка“ , членовите на театарската трупа од Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј ја прикажаа низ поддршката од семејството и преку осаменоста. На сцената беа компактна екипа чија игра беше наградена со многу бројни аплаузи и смеа од публиката. Велешанката Ирена Чолакова Вељанова имаше брилијантен настап пред своите поранешни сограѓани.
„Моето досегашно искуство во Велес секогаш беше да бидам дел од публиката а вечерва бев дел од тимот на сцена. Имавме прекрасна публика, им благодарам што дојдоа во толку голем број и што ни покажаа топло гостопримство. Се чувствував своја меѓу своите. Тоа ме понесе, одиграв најдобра изведба. Благодарам Велес и се надевам дека ќе имаме можност повторно да се видиме,“ рече Чолакова Вељанова.
Таа е редовен професор на Универзитетот во Сиднеј. И нејзините колеги од театарската трупа се занимаваат со други професии а со театар се бават волонтерски. Сите се членови на македонската заедница во Австралија.
Во претставата „ Борба со мечка“ настапија Васко Србиновски, Никола Апостоловски, Валентина Апостоловска, Стефани Степановска, Јаворка Котевска, Самоил Митревски, Владо Сазданов и Мена Ристевска. Автор на драматуршкиот текст е Душан Ристевски а на режијата, професионалниот режисер од Сиднеј, Стево Нанцу.
Во знак на благодарност за гостувањето и одиграната престава, Австралиско – македонскиот театар од Сиднеј на директорот на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ му подари слика со австралиски домородни мотиви. Јордан Витанов им посака ново гостување во Македонија и настап во новата театарска зграда во Велес.