На Велес му се случи „Велес фест“ (ФОТО)
Велешките состави The Beats и Grace го отворија, потоа адреналинот на публиката го крена групата Пеперминт, додека кулминацијата на забавата беше доживеана со настапот на Игор Џамбазов и групата Вуду Харе . На годинешниот Велес фест присутните ја дочекаа муграта на новиот ден со Ди-џеј Коста од Метропиолис радио. На Велес, викендов, му се случи третиот фестивал Велес фест.
За првпат на отворено, на помошното фудбалско игралиште во градскиот парк, публиката гладна за забава дојде во голем број. Неа не и сметаше ниту пропаднатото и нерамно игралиште, ниту прашината што се креваше од сите страни. Пијалокот беше неограничен а велешката скара вкусна. На видео бим се прикажуваа црно бели филмови со добро познати актери, за нешто повозрасната публика.
Она што сите го очекуваа се случи – и забавата со добро познатите теми ја пееја, танцуваа и слушаа околу две илјади претежно млади луѓе.