Доделени наградите на годинешните лауреати на Рациновите средби
Уметници и актери изведоа перформанси на неколку значајни локации за културно историското минато на Велес. Свечената поворка „1 000 свеќи за Рацин“ составена од поети, политичари и граѓани ја предводеше градоначалникот Славчо Чадиев и членови на Советот на општината. Пред спомениците на поетот беше положено свежо цвеќе.
По промоцијата на електронската едиција на дела на сите добитници на Рациновото признание во Локалната библиотека се одржа и промоцијата на двојазичното македонско – хрватско издание на стихозбирката „Бели Мугри“ во Ликовниот салон. 51 Рацинови средби синоќа свечено беа отворени во Младинскиот парк.
„Денес е гордост да се биде велешанец а уште поголема гордост да се биде потомок на Рацин. Ви благодарам што денеска дојдовте заедно да го споделиме ова чувство, на припадност на еден човек, на припадност на Рацин. 51 Рацинови средби беа предизвик за сите нас, како велешани, на Организациониот одбор, да ги направиме поинакви од досегашните, да им додадеме нешто ново. Им ги посветивме на младите, а интересот што го покажаа токму младите велешани ни дава сигурност дека Рацин ќе живее уште многу, многу генерации. Имам чест да ги поздравам и нашите пријатели од Република Хрватска на кои им ја посветуваме оваа вечер затоа што врските кои ги создаде Рацин од ден во ден стануваат се поцврсти,“ рече Чадиев. Годинешното одржување на манифестацијата се совпаѓа и со љубилејот 75 години од издавањето на стихозбирката „Бели Мугри“ во Самобор, Република Хрватска.
Годинава Беседа за Рацин одржа проф. д-р Весна Мојсова Чипишевска. Потоа поетите и членови на Друштвото на писатели на Хрватска, Диана Буразер Делалиќ, Марко Грегур и Кемал Артнамн читаа поезија во чест на јубилејот 75 години од печатењето на „Бели Мугри“ во Хрватска.
Во свечениот дел од манифестацијата беа доделени годинешните Рацинови признанија. Првото, Почесното Рациново признание за 2014 го доби големата пријателка на Македонија Тања Ступар Трифуновиќ од Бања Лука. Таа почитувајки го македонскиот јазик и култура, ги промовира и преведува македонските автори во Босна и Херцеговина и го сака и обожува Рацин.
„Ќе настојувам и во иднина врските помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина да бидат уште поголеми, подлабоки и поубави. Мислам дека поезијата е најубавиот начин за поврзување и меѓусебен разговор“, рече Ступар Трифуновиќ.
Рациновото Признание за 2014 му беше врачено и на македонскиот писател Паскал Гилевски.
„ Рацин во својот живот не добил ниту една награда а тој по смртта не наградува, не само нас кој ја добиваме оваа награда со неговото светло име туку и сите Македонци каде и да живеат на четирите страни во светот со поезијата која ни ја остави и која преставува најголема духовна врска со татковината. Така судбината Рацина, кој никогаш не бил ни венчан, како и многу други македонски дејци, судбината го венча со македонската иднина. Затоа треба да го чуваме неговото име, лик и дело. Не илјада, не сто илјади туку вгодина предлагам во негова чест да запалиме 2,5 милиони свеќи“, рече Гилевски.
Во чест на добитниците на наградите во Младинскиот парк настапи бендот „Ivannov Jazz Quartet“.