Трета фестивалска награда за филмот „ Пресвета Богородице спаси не“ на Епархија Повардарска и авторката Весна Димитрова Бобевски
Се нижат наградите на играно документарниот филм „Пресвета Богородице, спаси не“. Прва награда од жирито, филмот со религиозна тематика освои на меѓународниот фестивал на христијански филмови „Магнификат“ во Минск, Белорусија. Во конкуренција на 40 филмови, македонскиот ги освоил симпатиите не само на жирито туку и на целата публика.
„Интересно е тоа што филмот го затвори фестивалот на 27 август, а наградата ја добив наредниот ден на 28 август, во очи на празникот Успение на Пресвета Богородица. Кога ја примав им реков, денеска кај нас се слави големиот христијански празник, а мене мајката Божја ми донесе награда. Тоа е за восхит, рече актерката и режисерка Весна Димитрова Бобевски.
Филмот говори за ликот и делото на мајката Божја и нејзината мисија пред и по раѓањето на синот Божји. За режисерката Димитровска, која воедно го игра ликот на Богородица, филмот полека но сигурно ја исполнува својата мисија. Во него сликовито е опишана силата на човечкиот дух и човечката психологија.
„Јас буквално со солзи ја примив наградата бидејќи знам како се снима еден филм и дека се потребни многу средства, но исто така знам дека ниедна жена на светот не е достојна да го игра ликот на Пресвета Богородица.Ниту јас не сум достојна. Сега после пет години ваков филм не би почнала бидејќи стравот Божји ми е поголем. Но, тоа се некој нормални чувства кога познаваш барем мал дел од верата, рече Димитрова Бобевски.
Меѓународниот фестивал во Минкс, “Магнификат“ значи пофалба или Славославение на Богородица од Евангелието на Лука кај Католиците. Фестивалот и годинава ипрати силна порака за сплотеност на сите Христијани.
„Убаво беше кога на проекцијата на македонскиот филм гледав како присутните со особено внимание ги следеа службите на поповите и Митрополитот Повардарски Господин Анатангел со чиј благослов е снимен филмот. Задоволна сум и со тоа што го засадив костенот што ќе ја симболизира Република Македонија, во авенијата со дрвја на овој фестивал, рече Димитрова Бобевски.
Ова е трата награда на филмот на Повардарската епархија и авторката Весна Димитрова Бобевски. Тој досега учествуваше уште на два престижни фестивали со црковна тематика во Русија. Филмот се прикажа на фестивал во Чувашка република во Чебоксар, Русија кој ги третираше филмовите од малите земји. Вториот фестивал е „Златен витез“ во градот Томск во западен Сибир, на кој ќе се прикажуваа филмови од црковен карактер. И на двата освои фестивалски награди./Д.С