На текст на драматургот Братислав Димитров ќе се подготви претстава за отворањето на новиот театар во Велес
„Најважната работа на светот“ е насловот на драмскиот текст со кој свечено ќе биде отворен новиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес. Текстот го напиша авторот Братислав Димитров. Во конкуренција од триесет драмски текстови кои пристигнале на конкурсот, жири комисијата составена од актерите Васил Зафирчев,претседател и членови Петар Темелковски, Зоран Љутков,Александар Ѓоргиев како и режисерот Ненад Витанов, ја избраа комедијата на Димитров. Како најдобар, тој е награден со 500 илјади денари.
„Овој драмски текст нуди одлична можност за создавање на квалитетна драмска претстава во жанрот на комедијата, која ги следи курентните потреби на современиот гледач, но и историската специфика и фах на театарот во Велес за негување на жанрот на комедијата на својот репертоар и создавање на квалитетни комедии кои несомнено долго живеат на сцената,“ рече заменик министер за култура, Драган Недељковиќ.
Комисијата за избор не ги објави останатите конкурентски текстови, но потврди дека актерскиот текст на Димитров е со надобар квалитет. Според нив на љубителите на театарската уметност ќе им пренесе длабока и потресна порака.
„Ова е една убава комедија, текст жанровски автентичен и непретенциозен, занаетчиски чист и стегнат во драматургијата, со јасно изградени ликови и прецизни драмски ситуации на брзи заплети и расплети, со мајсторски изведен драмски пресврт на крајот на пиесата, рече претседателот на жири комисијата, Васил Зафирчев.
Кој режисер ќе ја постави претставата на новата сцена на велешкиот театар, ќе се избира во наредниот период. Премиерата на претставата „Најважната работа на светот“, треба да се случи до крајот на годинава./Д.С