Завршија годинешните истражувања во античкиот локалитет Гурбита, кај Згрополци
Таму во изминатите шест години истражуваа археолозите од Народниот музеј во Велес. Според раководителот на проектот, археологот м-р Анита Василковска Мидоска , се покажа дека Гурбита претставува локалитет кој во својата утроба крие многу непознатици за животот и културата на жителите од оваа населба, од римскиот период поточно од 2 век од нашата ера.
„При истражувањето откривме една поголема просторија која со преградни ѕидови е поделена на три одаи. Централниот дел од просторијата имал функција како складишен простор бидејќи тука пронајдовме фрагменти од големи керамички садови кои служеле за чување храна и жито“, рече Мидовска.
Годинешните истражувања биле фокусирани на просторот на населбата и на некрополата . На просторот на населбата археолозите откриле два објекта кои биле прилепени еден до друг, изградени од камен и кал. Додека пак на просторот на некрополата откриени се остатоци од ѕид граден во техника на сувоѕид. Поросторот околу овој ѕид бил наменет за погребување на упокоени луѓе, од цели фамилии.
„На овој простор откривме две гробни целини кои типолошки припаѓаат на гробовите со слободен укоп. Според начинот на погребување покојниците најнапред биле кремирани , а потоа дел од нивните останки се собрани и поставени во предходно прочистеното гробно место“, вели Мидоска.
Истражувањата на некрополата, иако делумно, укажуваат дека гробниците се од римскиот период. Со понатамошни истражувања , според археолозите, може да биде откриена уште една групација на гробови со фамилијарно родови врски. Инаку во локалитетот сите објекти се градени од правилно делкан камен и поврзани со кал.
Археологот Мидовска соопшти дека пронашле голем број предмети од секојдневниот живот на тогашните жители. Најголем број од нив се керамички со различен колорит ,а се откриени и предмети од метал. Керамичките садови служеле за чување на храна, биле изработени од црвена печена глина и на фрагментите постоеле траги од боење со разводенета црвена или кафеава боја.
Истражувањата во локалитетот Гурбита кај селото Згрополци, недалеку од Велес, го финансира Министерството за култура. Оваа античка населба е оддалечена само десеттина километри од античкиот град Стоби. Археолозите веруваат дека и вгодина ќе добијат сретства со кои ќе ги продолжат истражувањата./С.А